Есхумирани се 146 тела од масовна гробница на загинати како резултат на тортура и руско гранатирање во близина на Изиум, објави на Телеграм, шефот на регионалната воена управа во Харкив, Олех Синиехубов, пренесува Укринформ.
„Ексхумацијата на телата на жртвите од масовното гробно место во Изиум е во тек. За тоа време веќе се ексхумирани 146 тела, од кои повеќето се цивили, вклучително и две деца. Некои од загинатите имаат знаци на насилна смрт и има тела со врзани раце и знаци на тортура. Кај починатите се пронајдени и повреди од мини, шрапнели и убодни рани“, се вели во извештајот.
Оттаму наведуваат дека сите тела се испраќаат на вештачење за да се утврди конечната причина за смртта.
„Целиот свет треба да знае за ужасните злосторства на руските окупатори во регионот на Харкив. А доказите собрани од нас дефинитивно ќе се користат во меѓународните судови за казнување на воените злосторници“, рече Синиехубов.
Подготви: Ј. Ѓ.





