На изборите во 2020 година Христијан Мицкоски побегна од листите, не беше носител во ниту една изборна единица. Кукавички, самиот се прогласи за шпицен кандидатат, а го смести Александар Николовски да го крепи изборниот пораз, во соопштение истакнуваат од СДСМ.
Тие додаваат дека две години подоцна, од шпицен кандидат, Мицкоски стана шпицен градоначалник на сите градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ и тоа само за да контролира бизниси и влијанија или со нивниот речник кажано, да ги брца рацете во медот.
„Несигурен во себе и во своите пратеници, ги присилуваше дури да потпишат незаконски нотарски изјави дека ќе му бидат верни. За Мицкоски никогаш не бил важен интересот на граѓаните, тој секогаш ги гледал своите лични и бизнис интереси на ВМРО-ДПМНЕ. И тоа е она што денеска граѓаните го гледаат. Тоа е вистинското лице на Христијан Мицкоски кој е уплашен за својата фотелја во белиот дворец. Мицкоски е ист како и неговиот ментор и претходник, Никола Груевски“, се наведува во соопштението од СДСМ.