Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска, на маргините на 77-то Генерално Собрание на Обединетите нации, се сретна со Габриел Ескобар, заменик помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник на САД за Западен Балкан при што се осврнале и на стратешкиот дијалог.
Како што соопшти МНР, соговорниците изразија задоволство што Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД веќе ги дава првичните резултати под формата на американски грантови наменети за зајакнување на владеењето на правото, културата и одбраната. Ваквиот развој на соработката претставува уште една потврда за долгогодишното сојузништво и силно стратешко партнерство меѓу двете земји.
Посветено работиме на дефинирање на идните активности кои произлегуваат од стратешкиот дијалог и имаат за цел зајакнување на рефомските процеси и гарантирање на демократскиот напредок и просперитет на земјава. Благодарни сме за континуираната американска поддршка низ годините, со посебен акцент на нашиот евроинтегративен процес како особено значаен за целокупната регионална стабилност, истакна Османи.