Со преземањето на политичка функција како заменик министер за финансии јас си ги повлеков своите средства од ПИКСЕЛ ГРОУП, компанија во која сум бил основач и сум бил горд на тоа. Со продавањето на уделите јас таму немам ниту било какви интереси ниту било какви обврски во однос на работењето или управувањето на таа компанија, во одговор на новинарско прашање реагира премиерот Димитар Ковачевски на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ.
„Јас сум веќе 2 недели под константни напади од страна на ВМРО – ДПМНЕ и тоа со конструкција на најдолни лаги. Во однос на ова сметам дека треба да се извинат, затоа што јас 22 години сум работел во приватниот сектор на најтранспарентен и законит начин. Не може да се прават конструкции за тоа како функционираат компании кои што се независни во своето работење и функционираат врз основа на закони“, вели Ковачевски.
„Дали тоа значи дали ќе има тужби или не тоа не може да зависи од мене затоа што не сум јас ниту правник ниту адвокат, меѓутоа сметам дека тоа треба да го направат бидејќи конструирање на лаги – целта е да се оттргне вниманието од тоа што тој треба да објасни што се случувало со тендер од 136 милиони евра во Водовод – Скопје. Ниту јас го обвинив, ниту СДСМ, него го обвини ВМРО – ДПМНЕ, партијата во која што е претседател затоа што градоначалникот на Скопје е од ВМРО – ДПМНЕ. Арсовска ја чекаа со трубачи во ВМРО – ДПМНЕ, не ја чекаа во СДСМ“, вели Ковачевски.





