Секој напад врз инфраструктурата клучна за НАТО ќе биде дочекан со обединет и решителен одговор, изјави денеска во Брисел генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Столтенберг на прес-конференција, во пресрет на состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО, што се состануваат утре и задутре во Брисел, истакна дека сојузничките земји ја зголемуваат безбедноста околу клучните инфраструктурни објекти по експлозиите на гасоводите Северен поток 1 и 2 чија причина се уште не е веродостојно утврдена.
Генералниот секретар нагласи дека НАТО е подготвен да одговори на секоја нуклеарна закана кон која било нејзина членка.
НАТО е подготвен за каква било закана кон членка на Алијансата, одговори Столтенберг на прашањето за можноста од руски нуклеарен напад.
Прикриените нуклеарни закани се опасни и непромислени, а Русија знае дека нема победник во нуклеарна војна, која никогаш не треба да се води, рече генералниот секретар, додавајќи дека „внимателно ги следиме руските нуклеарни сили. Досега, ние не видовме никакви промени, но остануваме претпазливи“.
Големиот ракетен напад што руската војска го изведе во Украина е „знак на слабост“ на Москва, која ја губи битката на теренот, оцени Столтенберг.
Русија се повеќе прибегнува кон страшни напади врз цивили и врз важна инфраструктура, рече Столтенберг на прес-конференција. „Она што го видовме вчера е знак на слабост бидејќи Русија губи на бојното поле“, а ракетните напади „сведочат за недостигот на алтернативи на претседателот Владимир Путин“, додаде тој.
Столтенберг в четврток ќе претседава со состанокот на Групата за нуклеарно планирање на кој ќе се разговара за опасната нуклеарна реторика на Русија и улогата на нуклеарните капацитети на НАТО во одржувањето на мирот и одвраќањето на агресијата.
За следната недела тој најави рутинска вежба за одвраќање. „НАТО следната недела ќе ја одржи одамна планираната вежба за одвраќање „Steadfast Noon“.
Министрите за одбрана на земјите-членки утре и задутре ќе разговараат за зајакнување на помошта за Украина и продолжување на зајакнувањето на сопствената одбрана, во контекст на најголемата ескалација на Русија од почетокот на војната.
Контакт групата за одбрана на Украина предводена од САД ќе се состане утре. Оваа контакт група се состанува еднаш месечно и работи на координирање на воената и хуманитарната помош за Украина. Се состои од министри за одбрана и воени команданти на земјите-членки на НАТО и други партнерски држави.
На состанокот на министрите за одбрана на НАТО ќе учествува и министерот за одбрана на Украина, Олексеј Резников, кој ќе ги запознае со ситуацијата на терен и со потребите на Украина за претстојната зима. Столтенберг ги поздрави неодамнешните најави на сојузниците за нови испораки на одбранбени системи во Украина.
Генералниот секретар на НАТО изјави дека Украина има иницијатива и продолжува да постигнува значајни победи на терен.
Нашата порака е јасна, НАТО ќе биде со Украина колку што е потребно. Путин ја започна оваа војна и тој мора да ја прекине со повлекување на своите сили од Украина, рече Столтенберг.
Доколку Путин победи, тоа не би било само пораз за Украина, туку пораз и опасност за сите. Затоа што светот би бил понесигурен, а ние би биле поранливи на натамошна руска агресија, додаде Столтенберг.
Генералниот секретар не сакаше да шпекулира дали ќе се продолжи мандатот на ЕУФОР во Босна и Херцеговина, но посочи дека намалувањето на меѓународното присуство уште повеќе ќе ја отежне и онака тешката ситуација.