Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска денеска имаше состанок со претставници од факултетите од областа на информатичко комуникациските технологии во земјава, со кои разговараше за предизвиците во процесот на дигитална трансформација на општеството.
Грковска, како што соопшти нејзиниот кабнет, на состанокот оценила дека кадарот што произлегува од овие факултети ќе биде клучен носител на овој процес и затоа, според неа, е важно овие факултети активно да бидат вклучени во креирањето на решенијата за дигитализацијата.
За таа цел, објаснила таа, формиран е и Националниот совет за дигитална трансформација на општеството, каде меѓу другите надлежни институции, има и претставници од овие факултети. Грковска нагласила дека на тој Совет ќе разговара за сите отворени прашања, вклучително и потребата за централизација и стандардизација на системите на сите институции.
На состанокот било отворено и прашањето за одливот на кадри и за начините за задржување на информатичарите во земјата, како и за пронаоѓање модел кој ќе обезбеди нивно задржување во јавниот сектор, а притоа нивниот труд да биде соодветно вреднуван.
На состанокот со претставниците од четирите факултети за информатички науки во земјава, Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје, Факултет за електротехника и информациски технологии, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје, Факултет за информатички и комуникациски технологии, Универзитет „Свети Климент Охридски“ – Битола и Факултет за компјутерска техника и информатика од „Американ Колеџ“ – Скопје била презентирана можноста, преку соработка со приватни компании, студентите да посетуваат бесплатна едукативна програма наменета за образовните институции од сите степени, со цел развој на вештини, знаење, иновации во информатиката.