Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими шефот на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир, кој му го предаде Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Република Северна Македонија за 2022 година.
Како што информираат од неговиот кабинет, претседателот Пендаровски истакнал дека годинешниот извештај има особено значење, бидејќи е прв по почетокот на пристапните преговори со Европската Унија и почетокот на скринингот.
Претседателот Пендаровски оцени дека извештајот дава детална слика за состојбите во општеството, но претставува и патоказ за натамошната работа на институциите и областите во кои ќе треба да се посвети поголемо внимание. Пристапниот процес, според претседателот Пендаровски, налага сите капацитети да бидат насочени кон реализација на потребните реформи и во тој контекст посочи на потребата сите општествени чинители да го дадат својот придонес во овој процес, се вели во соопштението од претседателскиот кабинет.
Пендаровски порачал дека отворањето на преговорите со Северна Македонија е добра можност Европската Унија да ја демонстрира својата посветеност кон интеграцијата на земјите од Западен Балкан, како најдобар одговор на растечкиот евроскептицизам во регионот.