Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ и Шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, денеска одржаа заедничка прес-конференција.
Во продолжение обраќањето на вицепремиерот Бојан Маричиќ:
„Како земја која преговара за полноправно членство во ЕУ и земја која е во процес на скрининг, Северна Македонија доби позитивен годишен Извештај на Европската комисија за 2022, прв после отворањето на преговорите во јули оваа година.
После направениот преглед и анализа на европскиот Извештај од страна на Секретаријатот за европски прашања, ме радува што можам да кажам дека имаме одржливи реформи, имаме препознаен напредок и ни претстојат нови можности.
На самиот почеток, Европската комисија го поздравува почетокот на преговарачкиот процес, што беше потврдено и од страна на Комесарот Вархеји за време на вчерашната прес-конференција со изјавата дека: „Одржувањето на Меѓувладината конференција на 19 јули 2022 година е новa пресвртница во односите меѓу Северна Македонија и ЕУ, бидејќи пристапните преговори започнаа“. Ова е признание за континуираната посветеност на Северна Македонија и постигнувањата во спроведувањето на реформите, особено во Кластерот Фундаментални вредности, каде се оценува дека напредокот во правосудството расте, и се бара да продолжи трендот на независно и самостојно работење.
Во продолжение преку анализа на кластерите ќе се осврнам на Извештајот, кој секогаш дава објективен пресек на состојбите и напредокот во реформите и ги идентификува областите каде треба да ги зголемиме напорите и да испорачаме повеќе резултати.
Од аспект на вкупната подготвеност, Северна Македонија сè уште стои најдобро во регионот во Кластерот Фундаментални вредности, кој е најважен за динамиката на преговорите, но и во Кластерот Ресурси, земјоделство и кохезија. Во Кластер Конкурентност и инклузивен раст и Кластер Зелена агедна и одржлив развој сме веднаш зад Црна Гора и Србија кои веќе деценија преговараат, додека пак кај Кластерот Внатрешен пазар и Кластерот надворешни односи сме приближно на исто ниво со овие две земји.
Оценката за вкупната подготвеност на земјата за 2022 година е „добро ниво на подготвеност“.
Од аспект на остварениот напредок, задржано е темпото на напредок или има подобрување во 23 од вкупно 43 области / поглавја, додека во останатите 20 области има ограничен или помал напредок. Од аспект на подготвеноста во околу 90% од областите имаме делумна или добра подготвеност.
Ова покажува дека и покрај сите внатрешни, но и надворешни предизвици со кои се соочуваме сепак имаме стабилен континуитет во вкупната подготвеност на земјата, што треба да биде поттик повеќе за сите нас.
Северна Македонија недвосмислено ја потврди стратешката определба кон Унијата, во еден нов геополитички контекст, меѓу другото и со фактот што беше прва земја од регионот која се придружи кон сите осуди, санкции и рестриктивни мерки поврзани со руската агресија на Украина со постигнување на 100% усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Овој чекор на дело покажува дека Северна Македонија е партнер на Унијата и имајќи ги предвид тековните предизвици со кои се соочуваме сите, би ја искористил можноста да дадам апел дека очекуваме земјата и регионот да бидат вклучени во механизмите на ЕУ за снабдување со енергија и храна.
Во однос на наодите од Извештајот би се осврнал на неколку сегменти:
Во делот на политички критериуми, Комисијата потврдува дека Северна Македонија продолжи со напорите за зајакнување на демократијата и владеењето на правото, и покрај некои предизвици. Локалните избори во 2021 година се оценети како конкурентни и со почитување на основните слободи, но ни останува обврската за сеопфатна ревизија на изборното законодавство согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР во инклузивен и транспарентен процес.
Во однос на Собранието, имаме јасна критика за доцнење при носењето на законите, за што причина се блокадите од страна на опозицијата. Се нагласува потребата Собранието да биде форум за конструктивен политички дијалог, особено за ЕУ реформската агенда и заедно со Владата да работат на планирање на законодавната агенда, со приоритет на уставните измени.
Во однос на правосудниот систем, се нотира дека правосудните органи ја покажаа својата посветеност да го заштитат својот интегритет и независност, а Судскиот совет и Советот на јавни обвинители ги спроведуваат стратешките планови. Она на што ќе треба да се фокусираме е подготовката на новата стратегија за реформа на правосудниот сектор и спроведувањето на стратегиите за човечки ресурси во судството и во обвинителството.
Од аспект на борбата противи корупција, се оценува дека земјата продолжи да го консолидира досието (track record) за истраги, гонење и пресуди во неколку случаи на корупција, вклучително и на високо ниво. Државната комисија за борба против корупција се оценува дека продолжи со проактивниот пристап во спречување на корупцијата и отвори неколку случаи, вклучително и случаи против функционери на високо ниво. Секако, овде ни останува обврската за континуирано јакнење на капацитетите на органите за спроведување на законите во борбата против корупцијата.
Во однос на човековите права, оценката е дека националната рамка е на линија на ЕУ стандардите. Се нотира напредокот во процесот на деинституционализација и родово одговорно буџетирање како и обезбедувањето поддршка за жртвите на родово базирано насилство. Ни останува обврската за постапување на препораките од Комитетот за спречување на тортура во однос на третманот на лицата во притвор и/или во затвор.
Во делот на слобода на изразување и медиуми, останува оценката дека медиумите имаат соодветна средина за работа која обезбедува критичко новинарство, но ни останува обврската за усогласувањето со правото на ЕУ за аудиовизуелни медиумски услуги и реформирање на националниот радиодифузен сервис и подобрување на работничките права на медиумските работници.
Во делот на реформата на јавната администрација, се нотира усвојувањето на новата Програма за реформи во управувањето со јавните финансии 2022-2025 година, но останува обврската да се донесе пакетот закони со кој се уредува работењето на јавната администрација (Закон за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор и нов Закон за висок раководна служба), како и новата Стратегија за Реформа на јавната администрација.
Во однос на економските критериуми, земјата има добро ниво на подготвеност во развојот на функционална пазарна економија. Во 2021 година, економијата во голема мера закрепна од пандемијата КОВИД-19, а Владата продолжи да спроведува мерки за фискална поддршка за да го помогне закрепнувањето.
Се донесе и новиот Закон за буџети, чија имплементација ќе придонесе за зголемување на фискалната транспарентност и фискалното управување. Секако дека она што ќе биде главен предизвик и за Владата е во услови на енергетска криза да се обезбеди што е можно повеќе поддршка за стопанството и за ранливите категории на граѓани. Ќе треба да продолжиме и со реформите за подобрување на фискалното управување и одржливоста на јавните финансии.
Она што е особено важно е констатацијата на Комисијата дека процесот на скрининг се одвива непречено, а земјата покажува високо ниво на посветеност. За нас овој процес мора да биде инклузивен и транспарентен, а со вклучувањето на граѓанскиот сектор и експертите во преговарачкиот процес, заедно со европските фондови кои ни се на располагање, гледаме нова можност за повеќе реформи и побрзи реформи.
Секако, дека ова е важен поттик не само за Владата туку и за администрацијата, а верувам и за целото општество да продолжиме со уште поголема посветеност и динамика во споредување на реформите. И Комесарот Вархеји во своето излагање нагласи дека „Северна Македонија треба да го искористи овој моментум и да го покаже целиот свој потенцијал преку забрзување на реформите“.
Целосно се согласувам дека со национален консензус и максимално вложување на Владата како носител на преговорите, администрацијата, граѓанското општество, Собранието, бизнисите, академската заедница и сите други засегнати страни ќе ја исполниме заложбата да бидеме подготвени за полноправно членство во Унијата до 2030 година, како што впрочем се обврзавме на Меѓувладината конференција.
Наше е да продолжиме со реформите, свесни за фактот дека полноправното членство во Европската Унија ни е од недвосмислен интерес. Треба да работиме заеднички за надминување на слабостите и да се обединиме околу оваа национална задача.
За таа цел, Секретаријатот за европски прашања ќе организира серија панел дискусии под слоганот: „НА ЕВРОПСКИОТ ПАТ: НОВИ РЕФОРМИ, НОВИ МОЖНОСТИ!“, од кои првата е веќе утре, и на која ќе ги отвориме за дискусија пред претставниците на институциите и граѓанскиот сектор Кластерите 1 и 6 односно „Фундаментални вредности“ и „Надворешни односи“. Следните недели ќе следат уште два настани за останатите кластери.
Сите препораки во Извештајот ќе ги дискутираме заеднички и ќе ни користат како основа за ажурирање на Националната програма за усвојување на правото на ЕУ заедно со правото на ЕУ кое е презентирано на објаснувачките состаноци. Овој документ до крајот на годинава ќе биде ревидиран и ќе биде основа за подготовка на преговарачките позиции на земјата.
На крај, би сакал да се заблагодарам на евроамбасадорот Гир за целокупната поддршка и соработка која ја имаме со Делегацијата на ЕУ и да повторам дека сите идни реформи ќе ги спроведуваме со партнерство и тесна соработка со службите на Европската комисија и со земјите членки“.