Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ќе допатува во Скопје на 26 октомври, објави порталот НОВА, повикувајќи се на дипломатски извори.
Целта на посетата на Фон дер Лајен е да ги поттикне евроинтеграциските процеси на Република Северна Македонија во оваа скрининг фаза, како и да ги охрабри политичките лидери да го реафирмираат државниот консензус за европските интеграции, исправен пред предизвикот за промената на Уставот со која, како што предвидува преговарачката рамка, треба да ги вклучи етничките Бугари.
Претседателката на ЕК, како што информираат дипломатски извори, во Скопје ќе изрази поддршка за надминување на проблемите кои ги наметнува енергетската криза. На средбите кои Фон дер Лајен ќе ги има со претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски ќе стане збор и за актуелното вклучување на Северна Македонија во Фронтекс, а не се исклучува ниту можноста овој договор, кој на нашата земја треба да и помогне да се справи со потенцијалниот прилив на мигранти, да биде потпишан за време на нејзината еднодневна официјална посета на Скопје.
Фон дер Лајен последен пат во Скопје беше кон средината на јули во обид да ги стивне страстите разгорени со таканаречениот француски предлог. Во таа прилика таа се обрати и пред пратениците во Собранието.
Почитувани Македонци, внимателно слушам. Ја слушав загриженоста во однос на македонскиот јазик и идентитетот. Нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик, ние целосно го почитуваме тоа. Затоа по ревидираниот предлог стои македонски јазик, без квалификации од ЕУ. Предлогот го почитува и вашиот национален идентитет. Принципот на самоидентификација е важен за секој од нас. Можете да сметате на мене дека процесот на пристапување строго ќе ги почитува европските принципи и стандарди, изјави Фон дер Лајен во македонското Собрание.
Извор: Нова.тв