Владата и институциите работат на забрзување на реформите и подготовка на нашиот даночен систем за влез во системот на Унијата, во областа на оданочувањето, порача денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ на денешниот објаснувачки скрининг состанок за Поглавјето 16 – „Оданочување“.
Решени сме да ги забрзаме реформите во областа на даноците, со цел целосно усогласување со европските регулативи и стандарди и подготовка на македонското општество за полноправно членство во ЕУ, рече Маричиќ, истакнувајќи дека имаме напредок во намалувањето на административниот товар за даночните обврзници и постапката за поврат на ДДВ, но дека треба да работиме на капацитетот на даночната и да осигураме ефективна автоматска размена на даночни информации со земјите членки на ЕУ.
Вицепремиерот Маричиќ се осврна на важните чекори што се преземени во оваа област и во зајакнувањето на националното законодавство и оперативниот капацитет, потенцирајќи ја Стратегијата за реформа на даночниот систем 2021-2025 година, која опфаќа правично оданочување, наплата на приходи, даночна транспарентност, квалитет на услугите и зелено оданочување.
На објаснувачкиот скрининг состанок беше присутна и директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска, која рече дека ова поглавје ќе донесе предности за бизнисот и македонските компании, пред сè во однос на помали административни трошоци, потранспарентен и посигурен бизнис и намалување на бирократските процедури.
Свесни сме за предностите што ова поглавје ќе ги донесе на општеството во целина. Размената на информации со релевантните институции на ЕУ ќе придонесе за поефикасна наплата на даночните приходи и елиминирање на даночното затајување, истакна Лукаревска.
Маричиќ во своето обраќање пред претставниците на Европската комисија посочи дека од март 2020 година се спроведува Твининг проект „Подобрување на наплатата на приходите и даночната и царинската политика“, со цел понатамошно усогласување на даночното и царинското законодавство со релевантното законодавство на ЕУ и најдобрите практики, подобрување на економската анализа и прогнозирањето на приходите, како и моделирање и подобрување на оперативните и административните капацитети на клучните институции во системот.
За административна соработка и заемна помош, Маричиќ рече дека Владата има потпишано 49 договори за избегнување на двојното оданочување и спречување на фискална евазија, од кои 24 се склучени со земјите-членки.
Тој напомена и дека како членка на Инклузивната рамка на справување со даночната ерозија и селење на добивките (БЕПС), Северна Македонија учествува во преземањето мерки за спречување на можностите за даночно затајување и е посветена на спроведување на минималните стандарди на БЕПС.
Мултилатералната конвенција за спроведување мерки поврзани со даночниот договор за спречување на БЕПС беше потпишана во 2020 година, а ратификацијата ќе следи во следните неколку месеци, најави Маричиќ.
Денеска во Брисел покрај објаснувачкиот скрининг состанок за Поглавјето 16 – „Оданочување“, ќе се одржи и состанокот за Поглавје 25 – „Наука и истражување“, со што се заокружуваат скрининг состаноците за Кластерот 3 – „Конкуренција и инклузивен раст“.