Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Не мора да се биде особено паметен, а ниту писмен, ниту начитан, ниту да се биде со не знам какви „звања и имања“ за да се примети злото на овие простори. Единствено во себе треба да се негува „вашето дете“, или да ја негувате „петарпановската“ вредност, и веднаш ќе ги приметите деструктивните сили и моралниот компас во општеството.
Кога се појавува патолошкото (не лутете ми се на моето психолофилозофирање), поточно опасноста од деструкција се јавува кога патолошкото ќе стане стандард, а потоа таквиот „стандард“ ќе почне да ти диктира норми и обрасци, и немој да се чудиш кога она кое не е деструктивно ќе ти отиде во дефанзива така што кон него ќе се покажува дури и со прст.
Зошто овде луѓето најчесто веруваат на лаги? Да речеме, како прво, затоа што лагата човека го ослободува од одговорност. Дури, има и разлика помеѓу илузиите и верувањата. Ги знаете оние илузии кои ќе станат масовни, оние кои во себе имаат некаков деструктивен набој, па доведуваат до распад на целото општество. Понекогаш и крваво распаѓање, каков што беше „Крвавиот четврток“ на 27 април, за кое сеќавањата ни се сè уште свежи.
Не мора да исчиташ цела библиотека за да сфатиш дека денешната Влада на Ковачевски не е злобна и деструктивна; не мора да се исчита цела библиотека за да се открие дека не ја следи имиџ на зло и патологија; не треба да се исчита цела библиотека за да се сфати дека искрено и посветено работи на Европеизација на земјата, со, нели, признат македонски јазик и признат македонски идентитет. И не треба да се исчита цела библиотека за да се разбере дека ги уважува слободите и правата на сите нејзини граѓани.
Сè што беше важно за ова да се примети е, тој, елементарен, морален и човечки компас, елементарна емпатија према другиот човек и дека за тебе важи исто што важи и за другиот човек.
Ете, синоќа дојде госпоѓата претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен за, на премиерот Ковачевски, да му се обрати – на два пати, ако пребројав добро – со „драг Димитар”, што значи му се обрати епистоларно, пријателски и со милост; што во дополнителен превод би значело дека позади Северна Македонија стои Европската Унија лично. А, тоа, драги пријатели, не е мала работа, напротив, тоа е неверојатна сила на заедништво и солидарност.
Надвор од сите дипломатски конвенции, синоќа, Владата на Ковачевски доби експлицитна и директна поддршка „в лице” дека патот кон Европа е трасиран. Попатно, синоќа Европа лично ни понуди 80. милиони евра за да ја прегрмиме зимата, а во следниот период ќе ни даде нови 500. милиони евра. Тоа е што се однесува до парите. А што се однесува до договорот за Фронтекс, тој е на македонски јазик, без фусноти, без додавки и без ѕвездички.
Претседателката Фон дер Лајен уште и експлицитно кажа, а мене малку ме фати срам, дека ни го почитуваат македонскиот идентитет и уште ни го признава и почитува македонскиот јазик. И што е сега проблемот? Нема проблем. Дали Европа не сака? Очигледно, тоа само идиоти не го приметуваат.
Од друга страна, мило ми е што мојот ангажман се поклопува со ангажманот на Владата, се поклопува со ангажманот на Фон дер Лајен, се поклопува со волјата и желбата на огромен број на наши граѓани кои се на страната на следните вредности: антивоени, антинационалистички, ама не затоа што сите ние сме докторирале, да речеме, на Томас Ман, тука затоа што тоа е моето „детско“, пристојно и културно убедување. Не смееш на другите луѓе да им го правиш тоа што не би сакал другите тебе да ти го прават. Ако ова доследно го применуваш, другите работи се ништо друго освен работи на техника.
Оваа Владата на Ковачевски, како и онаа претходната на Заев, ми го покажа следното: видов став, видов душа, видов систем на вредности. А бога ми, гледам дека на исти фрекфенции работи и Европа. И што сакаш повеќе, комшија?
Така треба да биде и моето пишување, или барем она што јас го сметам за испишување на „дневнички“ коментар: ако не се види став, ако не се види систем на вредности, ако не се види „душа“, ако тоа го нема, па, добро, мајку му, што може да има?
Текстот е личен став на Авторот. Преземањето е дозволено според лиценцата Creative Commons 4.0.