Епидемијата на мајмунски сипаници продолжува да претставува глобална здравствена криза, што е највисоко ниво на предупредување на Светската здравствена организација (СЗО), соопшти денеска Кризниот комитет на агенцијата на ОН.
Ознаката на СЗО за „јавно здравствена криза од меѓународен интерес (PHEIC)“ е создадена да предизвика координиран меѓународен одговор и да ослободи средства за соработка при делење вакцини и лекување.
СЗО во јули објави дека брзото ширење на мајмунските сипаници претставува глобална здравствена криза.
Мајмунските сипаници обично започнуваат со симптоми слични на грип како што се треска, силна главоболка и отечени лимфни јазли.
По еден до три дена се јавува осип на лицето и телото, што најпрво се манифестира во вид на рамни лезии, а завршува во вид на гнојни јазли.
Симптомите можат да траат две до четири недели. Мајмунските сипаници може да бидат смртоносни, но според СЗО, стапката на смртност варира во голема мера од еден до друг сој, од речиси нула до дури 11 проценти.