Дезинформациските наративи се различни во секоја од земјите во Западен Балкан, но она што можеше да се забележи изминативе месеци е дека насекаде се присутни дезинформации за војната во Украина и ЛГБТ популацијата, како едно од малцинствата кое е подложно на напади во сите земји. Ова беше напоменато на денешната панел-дискусија „Различностите и дезинформациите во Западен Балкан“, која се одржа онлајн во организацијата на Фондацијата „Метаморфозис“.
Деспина Ковачевска, медиа мониторинг експерт во Фондацијата „Метаморфозис“. на почетокот од панел дискусијата се задржа на краток преглед на дезинформациите што се однесуваат на војната во Украина во земјите од Западен Балкан. Таа спомена дека текот на дезинформациите на оваа тема нема граници, почнувајќи од лажниот наратив дека во Украина имало лаборатории за биолошко оружје, дека има нацизам и фашизам во Украина и дека насекаде се обидуваат да нѝ вградат страв од Трета светска војна.
Исто така, имаше дезинформации за недовербата кон ЕУ и НАТО во земјите од Западен Балкан, кои се без исклучок насочени против интеграцијата во ЕУ, наспроти претставувањето на Русија и на Владимир Путин како бранител на конзервативните вредности, на православието и митот за едно православно братство.
На денешната панел дискусија, Владимир Петрески, уредник на „Вистиномер“, рече дека состојбата со дезинформациите во земјава, општо земено, сега е подобрена во однос на она што беше пред 5-6 години, кога ја имавме политичката криза во земјава.
Петрески кажа дека одредени типови дезинформации кои содржеле отворен говор на омраза и дискриминација, етикетирања и лаги, денес не се честе појава во масовните медиуми во Македонија, освен кај одредени медиуми што стојат некаде на маргините.
„Пред пет години, дезинформациите зачинети со говор на омраза и дискриминација беа една редовна појава“, рече Петрески.
Уредникот на Вистиномер ги спомена најшироко распространетите теми кои се користат за споделување на дезинформации во Македонија во изминативе месеци.
На прво место, тој ја спомена војната во Украина, односно агресијата од Русија.
„На почетокот имаше многу забуна и можевме да видиме дека дезинформациите произлегуваат од збунетоста во врска со битките кои не беа точно одредени, имаше потреба од испитување на информациите“, изјави Петрески, додавајќи дека како што минувало времето, така и почнало да се препознава од каде доаѓаат дезинформациите и можеле да се видат мрежите на дезинформации.
По осум месеци борби, вели Петрески, овој фронт на дезинформации е јасно исцртан, знаеме кој ги објавува ваквите дезинформации и кои се изворите и од каде ги собираат и прибирааат дезинформациите што ги шират.
„Висок процент од нив призлегуваат од задграничните простори од странство. Ова е резултат на постоењето на меѓународни мрежи на дезинформации и поединци“, вели тој, посочувајќи дека некои дезинформации кои се веќе објавени во странство, веќе се знае дека за ден, два или три дена подоцна ќе бидат преобјавени на македонски јазик.
Уредникот на „Вистиномер“ додаде дека во Македонија ковидот и вакцинацијата против ковидот се уште актуелни дезинформации и по речиси три години од пандемијата. Ваквите дезинформации имаат силна моќ, тие се повторливи и конзистенни и оние коишто ги шират, за жал, веруваат во нив.
Третиот вид дезинформации се измамите, за кои Петрески вели дека главно се присутни на социјалните медиуми со користење на лажни промоции за да им се соберат податоците на корисниците на социјалните мрежи или да се извлечат дури и финансии, користејќи притоа неовластено брендови на локалните компании.
Она што е забележливо, посочи Владимир Петрески, е дека истите луѓе кои кои знаат толку “многу” за ковид, знаат “многу” и за руско-украинската војна. Тие ги користат и ги поврзуваат ваквите настани за да создадат теории на заговор, вели Владимир Петрески.
За состојбата во Србија, на панел-дискусијата се осврна Никола Петровиќ, извршен директор на Центарот за меѓународни и безбедносни прашања ISAC.
Тој рече дека Србија во рамките на Западен Балкан е во извесна мерка посебен случај. Во исто време, Србија е и извозник и увозник кај продукцијата на дезинформации, и тоа се однесува на печатените медиуми, интернет порталите и опфаќа социјалните мрежи.
„Имаме силен проток од Истокот, во врска со традиционалните вредности и заканата од либералната демократија, заедно со големите теми како пандемијата и војната со Украина“, рече Петровиќ.
За Србија се интересни три извори на дезинформации, спомена Никола Петровиќ.
Првиот е странските малигни влијанија врз нашите медиуми, кои шират дезинформациски наративи кои се штетни, лажни и се инсистира на нив постојано. Тие доаѓаат од три-четири главни извори, при што се посочи на рускиот медиум Спутник.
„Ја воспеваат Русија и воените напори на Русија во Украина, истакнуваат дека Русија со својот пријател Кина се изворот на некаков нов светски поредок, додека Западот се претставници на злото, либералното анти-христијанско зло, кои се обидува да создаде униполарен свет“, изјави извршниот директор на Центарот за меѓународни и безбедносни прашања ISAC.
Вториот извор на дезинформации од Србија си носи и регионален карактер,а произлегува од тоа што Србија има тензии со поголемиот дел од своите соседи: раните од војната во Босна и Херцеговина, нерешените спорови со Хрватска и Косово.
Трет извор на дезинформации е од локален карактер, кој во прва линија потекнува од политичките актери во Србија, кои ги користат медиумите за да се клеветат едни со други. Не помалку важно се локалните дезинформации поврзани со малцинствата и нивната злоупотреба во кампањите во Србија.
Петровиќ се фокусираше на ЛГБТ+ популацијата, како малцинство кое во Србија е најчесто таргетирано со опасни и лажни наративи. Во Србија ваквите напади доаѓаат како од десницата и десните партии, така и од Српската православна црвка, кои годинава имаа можност да ја покажат својата омраза во Белград за време на „Европрајдот“.
Во однос на дезинформациите, тој предупреди дека на социјалните медиуми тие доаѓаат како од припадниците на десната заедница, така и од некаква навидум умерена струја, којшто се прелева во јавното мислење на мнозинството во Србија, а кои сакаат да го минимизираат проблемот на ЛГБТ популацијата и да го подриват правото на протест од нивна страна.
Петровиќ рече дека српската премиерка Ана Брнабиќ е во истополов брак и има посвоено дете, што е во спротивност на законите во Србија, а истовремено наративот во српските медиуми е дека геј паровите ќе ги посвојат вашите деца.
На панел дискусијата говореше и Петрит Зогај, уредник на косовската медиумска издавачка организација Sbunker.net.
Тој посочи дека медиумот во изминативе 10 месеци се насочил кон дезинформациите на меѓународно ниво што се поврзани некако со Косово и аспектите на регионалните дезинформации кои главно ги покриваат косовско-српските односи.
Зогај спомена три наративи на дезинформации од 24 февруари до денес во однос на војната во Украина. Првиот е она што го пронашле во мејнстрим медиумите на српски јазик, каде војната во Украина се претставвува како да е наметната од надвор, односно од НАТО.
„Вториот наратив што го препознавме е од аспект на косовско-српските односи, дека Косово е подготвено да ги протера Србите од северните делови на Косово исто како што и Украина ги протера Русите од источните региони на Украина“, изјави Петрит Зогај, додавајќи дека ова е исто доста раширено во српските медиуми.
Тој спомена и за дезинформациите на руското Министерство за надворешни работи, кое ширело лаги поврзани со регрутирање на борци и воени единици од Косово за да војуваат во Украина, од кои 61 регрут веќе биле убиени во Украина.
На панел дискусијата учествуаше и Барбара Хала, новинар и истражувач во албанскиот сервис за проверка на факти Faktoje.al, Хала напомена дека Албанија е лингвистички отсечена од остатокот на регионот на Западен Балкан и секогаш кај неа имало антируски сентимент, и во тој поглед може да се гледа и состојбата со дезинформациите.
„Она што го видовме е дека станува збор за внатрешен процес од две главни сили – еден е профитабилноста и клик-бејт проблемот каде порталите се обидуваат да стекнат поени и да профитираат, и одредени политички структури кои ги шират дезинформациите за сопствен бенефит“, ја појаснува Барбара Хала состојбата со дезинформациите во Албанија.
Нешто што го забележавме, вели таа е дека британските таблоиди се голем извор за албанските медиуми, а во однос на војната во Украина таа спомена дека многу од медиумските портали репродуцираат говори од политичари без да дадат контекст, како и без да ја извршат проверката на факти во написите.
Една од главните теми на дезинформации во Албанија е ситуацијата меѓу Србија и Косово, а изворите се Фејсбук и Твитер, кои потоа се преобјавуваат од албанските медиуми.
„Ќе видите дека се шират стравови дека северот на Косово е во хаос и конфликт и дека во секој момент ќе започне војна, се шири страв од војна. Се создава одредена недоверба кон Косово, особено во делот на „Отворен Балкан“ и како тоа ги нарушува односите меѓу Косово и Албанија. Ова е исто уште еден извор на дезинформации“, појасни новинарката од Faktoje.al.
Како една мала студија на случај за малцинствата во Албанија, таа спомена ситуацијата со ЛГБТ популацијата. Како и во Србија, и во Албанија има објавување на многу колумни од “експерти”, кои зборуваат како ЛГБТ малцинството го уништува албанското семејство и на слични теми, кои имаат за цел да предизвикаат насилство и говор на омраза.
На панел дискусијата се обрати и Исмар Милак, проектен координатор во „Зашто не“ од Босна и Херцеговина, којшто е основач на сервисите за проверка на факти Istinomjer.ba и Raskrinkavanje.ba.
Извор: МЕТА. МК