Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со задоволство го најавува големиот настан „Вкуси ја традицијата – прв национален саем за храна и пијалаци“, кој ќе се одржи на 12.11.2022 година (сабота), со почеток во 11 часот, на просторот пред езерцето, во Градскиот парк Скопје.
Саемот ќе го отвори премиерот Ковачевски во присуство на многу дипломати, граѓани и заинтересирани.
Ова е прв саем со ваков обем, на кој ќе се претстават повеќе од 200 производители од над 40 локални здруженија, кои заеднички ќе ги презентираат македонското земјоделство и гастрономија.
Настанот е во организација на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и „Слоу фуд Македонија“, а ќе се одржи со мотото Taste life, taste tradition, односно „Вкуси го животот, вкуси ја традицијата“.
На просторот во Градскиот парк ќе бидат поставени над 200 штанда со производи, ќе се подготвува вкусна традиционална храна од познати готвачи, а предвидено е и детско катче, со цел на децата одблиску да им се претстават домашните земјоделски произвоиди, храна и пијалаци.
Саемот „Вкуси ја традицијата – прв национален саем за храна и пијалаци“ ќе биде отворен во периодот од 11 до 16 часот. За сите посетители влезот ќе биде бесплатен.