„За жал, морам да признаам дека ВМРО-ДПМНЕ успешно креираат вештачки проблеми. Проблеми кои не постоеле, ги создаваат за после политички да капитализираат на нив“ изјави потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев во „Клик плус“ на ТВ21.
Тој изрази надеж оти граѓаините ќе станат искусни и ќе научат како да ги читаат ваквите лажни вести кои доаѓаат од опозицијата.
„Цело лето се подгреваше лагата дека јазикот ќе биде бугарски дијалект, така се иницираше луѓе да излезат на улиците. Сега Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ги користат тие слики како аргумент за незадоволство на народот, иако луѓето тогаш беа излажани“ рече Богоев.
Потпретседателот на СДСМ рече дека иста беше приказната и со пописот кога Левица водеше јавна кампања за бојкот на пописот, а ВМРО-ДПМНЕ скриена кампања, а сега токму тие партии креираат проблем за тоа кој колку проценти бил.
Богоев нагласи дека на трибините на СДСМ граѓаните најмногу ги поддржуваат антикризните мерки
„Најголемите пофалби на граѓанските трибини кои ги организира СДСМ се за мерките за ублажување на кризите, а најголемите барања се токму за нови мерки. Велат граѓаните супер е што носите мерки, добро е и ни помагаа, но треба и нови мерки“ изјави Богоев.
Тој додаде дека дискусиите и фокусот на граѓаните најмногу се вртат околу кризите и животниот стандард.
„Никој од граѓаните не споменува предвремени избори. Луѓето имаат друга мака. Во цел свет и куче и маче застануваат под еден чадор во ваква криза – и власта и опзицијата работат заедно. Само кај нас опозицијата не стои на ниво на задачата која светската криза ја налага“ рече Богоев.
Тој потенцира дека дури и кога опозицијата пробува да глуми конструктивност тоа го прави на неумешен начин и нуди апокалиптични изјави – дека ќе се бугаризира државата, ќе снема струја, нема да има енергенси и слично.