Кога зборуваме за демократските капацитети на политичките партии во еден дел мислиме и на нивниот однос кон новинарите и медиумите, а преку нив и кон јавноста или граѓаните. Ако направиме кратка анализа несомнено е дека двете големи партии, СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, во суштина многу се разликуваат кога станува збор за односот кон медиумите, јавниот дискурс и отворањето простор новинарите и граѓаните да учевствуваат во критичкото јавно мислење.
По смената на власта во 2017 година дојде и до драстична промена на начинот на кој владините функционери комуницираат со јавноста, но и со опозицијата како политички противник. Претходно, во 11-те години владеење на ВМРО ДПМНЕ стана нормално власта да не се појавува на интервјуа со професионални и критички новинари, но уште пострашно да не се појавуваат владините функционери на ТВ дуели со претставници на тогашната опозиција. Залудни беа повиците на СДСМ кон Никола Груевски дека демократските вредности и критичката мисла се одржуваат преку јавни дебати и спротивставени ставови. ВМРО ДПМНЕ немаа слух за дуели, односно се појавуваа само на наместени интервјуа, со однапред договорени прашања. Тоа е период кога медиумите станаа заробеници на партијата и никој од таквите ТВ куќи не смееше за тоа јавно да зборува, а камо ли да кани опозиционери на дуели.
Во контекст на тоа дека не се сите исти последните пет години има забалежително пораснат медиумски плурализам во секоја смисла. Но, не само тоа, сменет е начинот на кој актуелните владини функционери го поимаат значењето на медиумите и суштината на нивното постоење и комуникацијата кон новинарите. Па затоа, нешто кое беше незамисливо ниту на сон, сега е реалност. Иако по обичај опозицијата е таа која повикува на ТВ дуели, сега имаме ситуација во која владини преставници повикуваат на јавни соочувања, без да изберат новинар или медиум. Така е и со последниот пример на министерката за одбрана, Славјанка Петровска, која револтирана од информациите кои ги пласира пратеникот на ВМРО ДПМНЕ, Драган Ковачки, а се однесуваат на АРМ, повика на јавно соочување.
Наместо, како што бевме навикнати повикот да доаѓа од претставник на опозицијата, доаѓа од министерката за одбрана. Таа побара ТВ дуел со пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки во врска со информациите кои тој јавно ги изнесува за Армијата на РСМ. За среќа сега имаме слободни медиуми и веднаш телевизиите пројавија интерес за овој дуел кој ќе се случи следната седмица. Ова е своевидна потврда на разликите во демократските капацитети на партиите.
Дополнително, јасно станува дека на функционерите од СДСМ не им пречи да дебатираат со политички противници од понизок ранг, што исто така е одлика на демократските капацитети на личноста и на партијата која ја преставуваат. Уште еден аргумент во прилог на оваа теза е фактот дека секојдневно на поголем број телевизии постојат емисии во кои постојано аргументираат власта и опозицијата и така придонесуваат во развој на демократијата и слободната мисла. Неколку години не сме чуле дека некој преставник на власта одбил да учевствува на јавна дебата. Не толку одамна интервјуата на Никола Груевски и неговите соработници наликуваа на партиски брифинг во кои новинарите не можеа да постават нормално прашање, освен додворувачко и претходно договорено. Да не зборуваме за нарачани прилози во вестите, нешто кое денес е незамисливо. Ако порано вестите ги уредуваше еден центар, а сите мораа да го следат таквиот диктат, сега уредништвата низ медиумите самите проценуваат на кои теми ќе им дадат важност и од кој агол ќе критикуваат одредена појава, состојба или информација. Затоа и имаме ситуација во која голем број од вестите се критички настроени, онака како што мора да биде во едно демократско и медиумски развиено општество.
Ова е јасно видливо и од индексот на медиумски слободи на „Репортери без граници“, каде што државата се наоѓаше на 118 место во 2016, додека во 2022 е на 57 позиција, што преставува солиден напредок во слободата на медиумите и новинарското изразување. Секако дека тука свое влијание има определбата на Владата за транспаретност и отчетност, но и нејзиниот став кон медиумската слобода и новинарската професија.
Така и министерката Петровска, откако воочила дека Ковачки изнесува невистини во врска со приемот на професионални војници во АРМ, побара јавно соочување за да ја анимира пошироката јавност за оваа, но и за други теми од областа на одбраната. Таа во својата објава напиша дека ќе одговори на сите прашања, но и сака да постави одредени прашања. Така е тоа во демократските земји со осет за медиумите и јавноста- да се прашува и да се одговара, за да може вистината секогаш да излезе на површина.