Европскиот парламент утре ќе одбележи 70 години од одржаната прва седница во 1952 година, кога сè уште беше главно советодавно тело на претходникот на Европската унија, Заедницата за јаглен и челик. Тоа е само една од низата свечености планирани за таа пригода од септември оваа година до летото 2023 година.
Церемонијата со воведен говор на пленарната седница ќе ја отвори претседателката на ЕП Роберта Мецола, а по неа ќе се обратат француската премиерка Елизабет Бoрн и премиерите на Белгија и Луксембург, Александар де Кроа и Ксавиер Бетел.
Има три земји кои се и домаќини на Парламентот. Главното седиште е во Стразбур, каде што се одржа првото заседание на 10 септември 1952 година. Во Брисел повремено се одржуваат придружни и комисиски состаноци, а секретаријатот на Парламентот е во Луксембург.
Европскиот парламент беше формиран како Заедничко собрание на Заедницата за јаглен и челик и имаше 78 национални пратеници кои беа делегирани од шесте земји-членки на таа заедница.
Собранието на Заедницата за јаглен и челик го промени своето име во Европски парламент во 1962 година и со децении стана моќно претставничко тело на 27-те земји на ЕУ кое ја дели законодавната моќ со Европскиот совет и има големи буџетски овластувања. Тој е единствениот директно избран, повеќејазичен и транснационален повеќепартиски парламент во светот.
Во сегашниот, деветти состав, Европскиот парламент има 705 пратеници од 27 земји, со 24 официјални јазици.