Шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска и утре учествува на Седмиот регионален форум на Унијата за Медитеранот во шпанскиот град Барселона на покана на министерот за надворешни работи, Европска Унија и соработка на Шпанија, Хозе Мануел Албарес, јорданскиот заменик премиер и министер за надворешни работи Ајман Сафади и високиот претставник за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија, Жозеф Борел.
На состанокот на шефови на дипломатиите од 42 земји членки на организацијата, Османи утре ќе присуствува на свечениот чин на пристапување на Северна Македонија во Унијата за Медитеранот и по што активно ќе учествува во неговата работа како претставник на најновата држава членка.
На маргините на форумот предвидено е Османи да се сретне со шпанскиот министер Албарес, како и да оствари билатерални средби со други свои колеги од земјите членки во Унијата на Медитеранот.
Унијата за Медитеранот е формирана на првиот Самит на шефови на држави или влади од евро-медитеранскиот регион, одржан во Париз на 13 јули 2008 година. Тој претставува рамка за уредување на мултилатералните односи помеѓу ЕУ и медитеранските земји кои не се дел од Унијата.
Извор: МИА