Тркалезна маса за Програмата за поддршка на конкурентноста на малите и средните претпријатија (МСП) во Северна Македонија денеска ќе се одржи во Скопје во организација на Европска банка за обнова и развој (ЕБОР) и Делегацијата на Европската Унија во Скопје.
На тркалезната маса е најавено присуство на вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, на претставникот на ЕБОР во земјава, Анди Аранитаси и на раководителотна проекти во Делегација на Европска Унија, Мари-Маделеине Канелопуло.
На настанот, како што информираат организаторите, ќе бидат промовирани резултатите и научените лекции од Програмата за конкурентност на МСП за Северна Македонија, која е ко-финансирана од Европската Унија и со која се поддржани над 200 мали бизниси во земјата.
Под оваа програма, ЕБОР обезбеди кредит за локалните комерцијални банки кои понатаму овозможија кредитирање на локалните мали бизниси. Покрај кредитите, МСП имаа корист од грант поддршка финансирана од Европската Унија, во износ до 15 отсто од износот на кредитот.