Украинскиот претседател Володимир Зеленски оцени денеска дека Украина, чија енергетска инфраструктура е уништена од руските напади, има потреба од „најмалку 800 милиони евра“ итна помош за да ги задоволи потребите на населението во текот на зимата.
Зеленски преку видео врска зборуваше на отворањето на меѓународната конференција за солидарност со Украина, организирана во Париз.
„Потребни ни се неколку категории опрема, трансформатори, опрема за реставрација на високонапонски мрежи, гасни турбини… на нашиот енергетски систем му треба, барем до крајот на грејната сезона, итна помош од европскиот енергетски систем, т.е. струја од земјите на Европската унија во Украина“, рече Зеленски.
Украинскиот претседател додаде дека оваа помош „ќе чини околу 800 милиони евра“.
Конференцијата во Париз ќе им помогне на Украинците „да ја поминат зимата“, истакна францускиот претсердател Емануел Макрон
Тој нагласи дека денешната меѓународна конференција за помош во Париз има за цел да му помогне на „украинскиот народ да ја преброди оваа зима“.
Макрон рече дека фокусот е на обезбедувањето краткорочна помош со оглед на обидите на Русија да „сее терор“ во Украина со „кукавичко“ бомбардирање на цивилната инфраструктура на државата.
Во Париз денеска се одржува Меѓународна донаторска конференција за мобилизирање помош за Украина и нејзината инфраструктура, уништена од руската војна.
На конференцијата ќе учествуваат околу 70 земји, меѓународни организации и Европската унија.
Целта е да се координира итна помош во областа на енергијата, транспортот, земјоделството и здравствената заштита.