Книжарниците во Лондон беа отворени на полноќ за да ја задоволат побарувачката за мемоарите на принцот Хари, откако тие официјално беа пуштени во продажба.
Обожавателите кои чекаа да купат тврда копија опишаа дека сакаат да ја слушнат приказната „од устата на коњот“.
Тоа го следи хаотичното лансирање на мемоарите насловени како Spare или „Резервен“ со повеќекратни протекувања од содржината и копии кои беа достапни во Шпанија минатата недела кои ги полнеа насловните страници на сите светски медиуми.
Книгата е објавена низ целиот свет на 16 јазици.
Мемоарите веќе се на врвот на најпродаваните во Велика Британија на елекктронската продавница Амазон. Мемоарите од 410 страници, кои ги откриваат конфликтите и личните тензии во кралските палати, ја прикажуваат верзијата на принцот Хари почнувајќи од неговиот раст па до падот во кралското семејство.
Досега Бакингемската палата и Кенсингтонската палата не реагираа.
Принцот Хари во книгата тврди дека го молел својот татко да не се ожени повторно, дека брат му Вилијам два пати физички го нападнал поради Меган, дека убил 25 талибански борци додека служел во Авганистан, дека земал психоделични лекови, делумно како одговор на нападите на паника и дека Меган и Кејт (сопругата на Вилијам) имале нарушени односи.
Главна тема во книгата е чувството на тага за загубата на неговата мајка, принцезата Дијана, при што принцот Хари рече дека имал „последици од посттрауматски стрес“.
Хари смета дека медиумите се одговорни за прогонот на Дијана, а во едно од неколкуте интервјуа за промовирање на книгата рече дека ќе биде негова „животна работа“ да го промени медиумскиот пејзаж.
Има и неочекувани детали како на пример дека принцот Хари и неговиот постар брат принцот Вилијам меѓусебно се нарекуваат „Харолд“ и „Вили“, како и тоа дека кога Хари и Меган првпат влегле во станот на Вилијам и Кејт во Кенсингтон палатата, биле запрепастени од луксузот и уметничките слики, додека како што тврди Хари тој и Меган купувале столни лампи на попуст од Икеа за нивниот дом Нотингем Котиџ.
Хари раскажува и за физички напад од брат му Вилијам кон него, кој се случил во домот на двојката Нотингем Котиџ. Вилијам дошол кај Хари да му се пожали од Меган дека е непристојна и безобразна при што во бес го турнал Хари и тој паднал врз чинијата за хранење на кучето на подот, по што чинијата била скршена а Хари се здобил со модрици. Вилијам подоцна се вратил и се извинил за инцидентот и побарал Хари да не и кажува на Меган за случката.
Хари известува и за друг инцидент по нивното враќање со Меган од меден месец. Тие тогаш ги посетиле Вилијам и Кејт во Кенсингтон палатата каде Меган се запрепастила од луксузот. Новопечената двојка сакала наводно да стави крај на тензиите. Но во еден момент Вилијам ја нападнал Меган со прстот вперен кон неа затоа што Меган наводно и рекла на Кејт кога била бремена со Луис дека поради хормоните има „детски мозок“ и се лути за се и сешто. Вилијам и рекол дека тој коментар и бил непристоен и дека таа не е толку блиска со Кејт за така да разговара со неа. „Ние овде не разговараме на таков начин“, и рекол Вилијам вперувајќи го прстот кон неа. Меган му одговорила: „Ако може тргни го твојот прст од пред моите очи“!
Третиот поголем инцидент се случил по погребот на принцот Филип, сопругот на кралицата Елизабета, кога двајцата браќа Вилијам и Хари тајно се состанале со татко им Чарлс во обид да се помират, додека Меган со Арчи била во нивниот дом во Калифорнија. Вилијам повторно го фатил Хари за реверите на кошулата и добро го истресол. Хари се уплашил по што Вилијам го гушнал и му рекол „те сакам и сакам да бидеш среќен“. „Се колнам во животот на мама дека само сакам да бидеш среќен“, му рекол вознемирениот Вилијам. Хари во книгата објаснува дека таа реченица била нивниот таен код што го користеле за екстремно кризни ситуации меѓу нив двајцата.
Принцот Хари во книгата обелоденува и дека за смртта на кралицата Елизабета дознал од веб страницата на Би-Би-Си додека патувал кон дворецот Балморал каде што таа почина, а не од неговото семејство.
Има референци за плишаното мече од детството на кралот Чарлс, кое патувало „секаде“ со него.
Хари, исто така, вели дека неговиот терапевт му помогнал да „надмине години на нерешена траума“.
Откритијата за тензиите со кралското семејство, вклучително и Камила, кралицата и принцот и принцезата од Велс, предизвикаа многу контроверзии. Хари вели дека Камила уште од почеток имала стратегија да се омажи со Чарлс и да добие круна на главата. Тој исто така ја обвинува својата маќеа и за преголема блискост со медиумите.
За смртта на неговата мајка открива дека откако татко му влегол да го извести Хари потоа цела ноќ останал сам во неговата соба и никој не дошол да го теши. Подоцна како возрасен, тој лично со кола поминал низ тунелот во кој загина неговата мајка за да почувствува како и било нејзе додека се возела таму. Вели дека не верува оти возачот на „мерцедесот“ можел така лесно да изгуби контрола над возилото во тунелот. Разочаран е што медиумите безочно ја фотографирале неговата мајка во слупаниот „мерцедес“ додека таа ги живеела последните минути, наместо да и помогнат.
Принцот Хари рече дека јазот меѓу него и неговото семејство „не може да биде поголем од пред оваа книга“ на прашањето дали нејзиното објавување ќе помогне или ќе ја попречи можноста за помирување.
„Има работи кои сè уште ќе ме налутат, но повеќе не сум лут, бидејќи сум токму таму каде што треба да бидам“, изјави тој за Good Morning America.
Анкетата на јавното мислење од YouGov, објавена во понеделникот, покажа намалување на популарноста на принцот Хари во Велика Британија. 64 отсто од луѓето имаа негативен став за принцот Хари, во споредба со 26 отсто кои имаа позитивно мислење за него, што е намалување од 33 проценти од есента и најниска негова популарност во повеќе од една деценија од ова редовно истражување.
Пред пет години, оваа анкета за следење, базирана на примерок од околу 1.700 возрасни, покажа дека 80 отсто имале позитивно мислење за Хари.
Извор: Би-Би-Си/Дејли Меил