Во годината кога Армијата на Република Северна Македонија одбележа 30 години од своето формирање, дел од армиските состави во 2022 година учествуваа на 27 меѓународни вежби во земјава и во странство. Во Армијата пристигнаа шест лесни оклопни возила од САД од типот „Oshkosh“ кои ќе бидат во составот на лесниот пешадиски баталјон, а за пополнување со персонал, пак војската спроведе курс за произведување во подофицерски чин. Беа реализирани и два конкурси за прием на професионални војници, а беа произведени и офицери кои го завршија своето школување во Воената академија.
Како една од поистакнатите и најголема во регионот, вежбата „Swift Response 22“, се изведуваше во три региони во Европа: Арктикот, Балканскиот и Балтичкиот регион каде беа вклучени околу 9.000 припадници на вооружените сили на 17 земји сојузници и партнери кои изведуваа синхронизирани вежбовни активности во Норвешка, Латвија, Литванија и Северна Македонија. Во нашата држава, велат од Армијата за МИА, учествуваа околу 4.600 припадници од осум НАТО земји и тоа: Северна Македонија, САД, Обединетото Кралство, Италија, Франција, Црна Гора, Албанија и Грција.
Одбележување 30 години од формирањето на Армијата и НАТО оценка за борбена способност на Лесниот пешадиски баталјон
Покрај своите редовни активности, армиските припадници се подготвуваа и ја одбележаа годишнината од своето формирање преку разни активности, како трибини на кои се разговараше за развојот на Армијата, преку отворени денови во касарните со поканување на сите поранешни припадници на Армијата, спортски натпревари, крводарителни и хуманитарни акции, марш „30 години Армија“ и натпревари по специјалности (војнички вештини).
Од Армијата додаваат дека се организирале изложба на фотографии, како и активности на баталјонот за почести со сојузничките армии, меѓу кои беше заедничкиот настап со кралската гарда на Норвешка и заеднички концерт на воениот оркестар со воениот оркестар на Албанија. Централната прослава на Денот на Армијата беше главниот настан за одбележување на јубилејот.
Дека Армијата успешно чекори на патот, потврдувајќи го заслуженото членство во Алијансата покажува и оценката „борбено оспособен за извршување на својата мисија“ со која беше оценет Лесниот пешадиски баталјон (лпб) согласно Стандардите за оценување на копнени команди и единици на Здружената команда за операции на НАТО како членка на НАТО, во рамките на вежбата „Блесок-22, нагласуваат оттаму.
-Нашите припадници учествуваа на вежбите во странство „Anatolian Eagle 22”, „seven stars 22”, „Warior 22”, „Efes 22”, „Kfor 30 и 31”, „Cyber coalition 22”, „Talos 22”, „Beyon horizon 22” и други, велат од Армијата за МИА.
Минатата година армиските припадници учествуваа во мисиите „Алтеа“ во Босна и Херцеговина каде учеството е зголемено со еден пешадиски вод, во „Унифил“ во Либан со учество на штабни офицери, „КФОР“ во Косово каде учествувале со два водови за обезбедување и штабен персонал, „ЕУТМ“ во Централно Африканската република и НATO мисијата „НМИ” во Ирак со по еден претставник како штабен елемент. -Од јуни 2022 година, започнавме со придонес во рамките на НАТО мисиите Efp „Зајакнато истурено присуство“, односно Enhanced Forward Presence (eFP) во Латвија и т.н. „Активности на зголемена будност“ односно enhanced Vigilance Activities (eVA) во Бугарија и Романија. Во Латвија отпочнавме со едно АБХО одделение, кое од декември 2022 година се замени со едно артилериско одделение во рамките на словенечкиот контингент, велат од Армијата.
Во текот на годината пристигнале и првите шест лесно оклопни возила од САД од типот „Oshkosh“, кои ќе бидат во составот на лесниот пешадиски баталјон. Во текот на годината интензивно се работело на изработка и стандардизација на воените доктрини со стандардите на НАТО при што се изработени основните воени доктрини и повеќе доктрини за подршка.
Во однос на позначајните меѓународни активности Армијата на Република Северна Македонија оваа година беше домаќин на петнаесеттата конференција на началниците на Генералштабовите на балканските земји (Б9), која се одржа во текот на месец јуни во Охрид. Началникот на Генералштабот учествуваше на 25-тата конференција на началници на Генералштабови на армиите од земјите членки на САД-Јадранската повелба која се одржа во Црна Гора. Во текот на годината началникот на генералштабот на Армијата крај редовното учество на сесиите на Воениот комитет на НАТО, во републиката оствари средби со началници на генералштабовите на Вооружените сили на Норвешка, Туркије, Грција, Хрватска, како и во странство со НГШ на ВС на Италија, Романија, Унгарија, Црна Гора и во САД со комадантот на НГ на Вермонт.
Хронолошки, дел од позначајни настани во јубилејната година
Во период од 24 јануари до 5 февруари 2022 година на армискиот полигон „Криволак“ успешно се извршија летачки вежбовни активности со воени воздухоплови од Вооружените сили на САД, како дел од завршните активности на вежбата „Neptune Strike 22“ која се изведува во медитеранскиот регион.
Како почеток на активностите за одбележување на триесетгодишниот јубилеј на Армијата, на 28 март во Домот на Армијата во Скопје се одржа трибина на тема „30 години развој на Армијата-формирање, настани, успеси, предизвици, иднина“ .
Во март началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, престојуваше во работна посета на Соединетите Американски Држави, каде го доби највисоко воено признание од страна на највисоката воена образовна институција во Форт Левенворт во Канзас, САД кое е прво вакво признание кое го има добиено еден воен претставник од нашата земја, но и прв офицер од Југоисточна Европа, после 50 години.
Во период од 3 до 11 април, на армискиот полигон „Криволак“, кампот за обука „Пепелиште“, касарната „Јане Сандански“ – Штип и касарната „Страшо Пинџур“ – Петровец се реализираше националната теренска вежба ,,Блесок 22“.
На 31 мај минатата година на плоштадот во центарот на Скопје се реализираше отворен настан на гардиските единици и воените оркестри на Армијата на Република Северна Македонија и самостоен концерт на кралската гарда на Кралството Норвешка.
На армискиот полигон „Криволак“, се реализираше Денот за високи гости на мултинационалната вежба „Swift Response 22“ каде за прв пат во нашата земја се презентираа комплексни воздухопловни десантни операции проследени со падобрански скокови, прелети на борбени воздухоплови и изведување на хеликоптерски десантни активности. -Прикажаната интероперабилност, меѓусебната координација и заедничкото делување на армиите од земјите кои учествуваат на вежбата „Брз одговор 22“ беше пресликана на најдобар можен начин, додека во исто време се прикажаа можностите на хеликоптерите „Апачи“, „Блек Хок“ и „Чинук“, борбените авиони „Ф-16“ и А-10, како и ангажираните копнени сили, нагласуваат од Армијата.
На 16 јуни во Охрид се одржа петнаесетта конференција на началниците на Генералштабовите на балканските земји на тема „Употреба на Вооружените сили во справувањето со најновите предизвици во национален и регионален контекст (најдобри практики)“.
Во касарната „Чеде Филиповски – Даме“ во период од 7 до 9 јуни 2022 година беше реализирана ситуациона – теренскa вежбa (СТВ) во склоп на која се изврши и оценување на лесен пешадиски вод (лпв), кој ќе биде во состав на балканската борбена група (HELBROC 23/1) согласно Упатството за оценување на борбена готовност на Армијата.
На 18 август, Армијата на Република Северна Македонија, со централната свеченост која се реализира во касарната „Илинден“ во Скопје го прослави својот јубилеен роденден и достигнувањата во текот на својот триесет годишен раст и развој.
Во октомври се промовираа 18 потпоручници од 22-та класа на питомци, додека 39 питомци дадоа свечена заклетва како 26-та класа питомци на Воената Академија.
Во Командата за обука и доктрини, на 2 ноември отпочна реализација на основната воена обука од Основниот курс за подофицери, која ја сочинуваат 150 слушатели меѓу кои 13 припаднички од различни единици на Армијата.
Со воена церемонија во касарната „Илинден“ на 30 ноември припадниците на Армијата кои ќе учествуваат во активностите на НАТО за зголемена будност се упатија на извршување на задачите во склоп на операцијата. Првите контингенти во состав од по еден вод учествуваат во заедничките активности на формираните мултинационални сили на НАТО, кои се разместени на определени локации во Романија и Бугарија.
Извор: МИА