„Во Алијанса за Албанците внатрепартиски се разговара за можно влегување во владејачката коалиција, а истото ќе се разговара и во СДСМ и коалициските партнери. Како ќе се заврши се тоа зависи од програмските заложби“ рече потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев во „Топ тема“ на Телма.
Тој додаде дека потребни се преговори за идеите и концептите, да се види колку се нивните предлози и заложби прифатливи за владината коалиција.
„Доколку нивните предлози се прифатливи за нас како коалиција ќе се влезе во разговор за ресори и таму е битно каков кадар ќе се понуди, односно дали има соодветен кадар“ рече Богоев.
Потпретседателот на СДСМ рече дека Алијанса за Албанците не ја условуваат поддршката за уставните измени со влезот во Влада, но кажа дека нивното приклучување на европскиот фронт во државава е добро за полесно и побрзо спроведување на реформите.
„Зголемувањето на европскиот фронт не е само за уставните измени, има реформи кои треба да се донесат. По завршувањето на скринингот и отворањето на поглавјата, реформите се тие што ќе го трасираат патот. Брзината на реформите и усогласувањето со законодавството на ЕУ ќе покажат за колку време ќе станеме полноправна членка“ рече Богоев.