Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Никогаш не сум ги сакал антисистемските популисти (Мицкоски, Апасиев, како и останатите медиумско-надрндани-хистеризирани „персони драматис“). Се работи за таква сорта на луѓе кои постојат исклучиво ако ги споредиш со други луѓе – нивната среќа колку што е и нивната фрустрација – никнува исклучиво од нездравото такмичење со светот.
Во метастазирани фази, таквите му контрираат на светот во секоја сфера од животот. Ако сте го гледале филмот „How Harry Became a tree“: вредноста на човекот се базира на тоа кој му е непријател.
Значи, непријателот како единица мерка. А така не мора, се разбира, од тебе зависи дали низ животот ќе поминуваш со пријатели или ќе се дефинираш себе преку непријатели. Дури и ќе пријателствуваш со себе лично, ако држиш до себе, иако овие од погоре се во амбивалентност и со себе затоа што се неверојатни егоманијаци.
Ме разбирате? Омразата е многу поголемо и посилно погонско гориво од она другото, од пријателството на пример. Само забораваат дека порано или подоцна ќе го изгори и сопственикот, ама тоа им делува како мала цена која треба да се плати ако има шанса да го запали целиот свет.
Истото кое важи за поединецот, важи и за масата. Во еден временски период, мојата маленкост се обидоа да ја согорат, денес на улица ми велат добар ден, како си, ние малку се зезавме, не земај сè при срце. Не ви се лутам, реков, истите механики ги имате и кај Орвел, идејата на непријателот, дојденецот и дошлакот, оној кој не е наш е наратив наменет за сите тоталитарни и автократски „системи“. Свесен сум дека човечкото битие многу полесно се екипира околу нешто грдо, отколку што се мобилизира околу нешто убаво.
И генерално тоа би било сè за оној што сака да се информира со кого ние овде си имаме работа, без разлика дали се работи за среќа, љубов, политика и, како, всушност, опозиционерите – тие антисистемски популисти – работат и владеат со луѓето.
Сега некој може да рече: ама гледај што ни зборуваат Бугарите, ни велат дека ние не сме Mакедонци, ние сме биле Бугари? Прво, тие што тоа го зборуваат се будали, одвратни политички идиоти кои припаѓаат на истиот свет на кој припаѓа Мицкоски, Апасиев и цела таа котерија која работи на „импулсот против“. Без разлика колку е нешто добро или лошо, тие се секогаш против. Од друга страна (а сега ќе ја кажам онаа горка вистина), вие не влегувате секогаш во мир само со пријателите, некогаш мора да влезете во мир и со „непријателите“. Така се создаваат мировни договори. А има уште една незгодна вистина: кога со непријател ќе направиш мировен договор, тој повеќе не е непријател. Со мировен договор непријателот се разоружува и повеќе не постои како непријател.
Католиците и протестантите 300 години војуваа, а потоа ја оформија единствена Европа. Ако ние од нив тоа не го научиме, ќе биде многу лошо за нас како земја и народ.
Ви делува ли како сувопарно филозофирање? Добро, ајде малку да конкретизираме. Ковачевски и парламентарното мнозинство од вчера порасна за над 72 пратеника. Во Владата влезе Алијанса на Албанците на Таравари. Идејата е да се оформи широк Европски блок во земјата. Добро, Бугарите имаат незгоден табиет, што да правиме, не се широки и европеизирани како што сме ние, и со една ограда, тие се, а ние не сме во Европската унија.
И секое окрупнување има врска со сигурноста и Европеизацијата, одошто има врска со било што друго. Ние работиме за да одиме напред, а не за да се враќаме назад. Ајде да ја замислиме оваа хипотетичка работа: влегуваат во Уставот Бугарите, го решаваме овој проблем со нив низ договор – без разлика каков е договорот – и повеќе не се тема Бугарите. Повеќе нема кошкања, провокации, кавги. Одиме исправени на патот за Европа, јасно, непречено и со исправени глави.
Така ќе јакне и идентитетот на нашот народ, без глупава географија, без простор детерминиран од конфликти, било да се тие конфликти лични или национални. Може ли да замислиме само за момент дека ова е возможно? Може ли да продолжиме опасно да сонуваме?
Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0.