Потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова вчера, на враќање од Косово, во Скопје остварила средба со претставници на бугарската заедница во Северна Македонија, при што им порачала дека тие се суштински дел од бугарската нација и дека ја играат виталната улога за ширењето на бугарската култура, јазик и вредности во Северна Македонија, јави БГНЕС.
На средбата што се одржала во Амбасадата на Бугарија во Скопје присуствувале научници, политичари, бизнисмени и граѓани.
Јотова, осврнувајќи се на ситуацијата со инцидентот со Христијан Пендиков, нагласила дека властите во Софија го следат внимателно расчистувањето на тој случај, при што истакнала дека „бугарската самосвест, а не бугарските документи, те прават Бугарин“.
Според неа, од особена важност е соработката меѓу бугарските културни клубови и граѓанските организации.
– Бугарската заедница во Македонија има богато културно наследство, кое заслужува да се чествува и негува. Промовирањето на бугарската култура и традиција во Македонија ќе ја зајакне бугарската заедница и ќе доведе до поблиски односи меѓу Бугарија и Македонија, оцени бугарската потпретседателка.
Од МНР велат престојот на Јотова во Скопје бил најавен по дипломатски пат, но не биле побарани средби
Престојот на делегацијата предводена од потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова во Република Северна Македонија е пријавен по дипломатски пат преку Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, соопштија од македонското Министерство за надворешни работи.
– Информираме дека во однос на престојот на потпретседателката не се побарани средби ниту други програмски содржини и нејзиниот престој и транзит низ земјава е во организација на Амбасадата, наведуваат од МНР.