Претседателката на Перу, Дина Болуарте денеска соопшти дека го отповикала својот амбасадор во Мексико, наведувајќи ја како причина поддршката на мексиканскиот претседател за соборениот перуански претседател Педро Кастиљо.
Дина Болуарте, која го наследи Кастиљо по неговото апсење на 7 декември минатата година, го оцени како „неприфатливо“ мешањето на мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор во перуанските „внатрешни прашања“.
Министерството за надворешни работи на Мексико изрази жалење „поради одлуката на актуелната влада на Перу да го намали нивото на дипломатските односи меѓу двете земји на ниво на вршител на работи“.
Министерството додаде дека мексиканската Влада „ќе го задржи своето ниво на дипломатско и конзуларно претставништво“ во Перу, особено за „унапредување на врските“ меѓу двете земји.
Перу веќе го протера мексиканскиот амбасадор во Лима кон крајот на декември, откако Мексико им одобри политички азил на сопругата и двата сина на поранешниот претседател на Перу.
Лопез Обрадор, левичар како и Кастиљо, изрази желба „да продолжи да го поддржува неправедно сменетиот претседател на Перу“.
Кастиљо беше обвинет за обид за државен удар, сакајќи да го распушти парламентот што сакаше да го собори од власт.
Неговото отстранување и апсење предизвика двомесечни протести низ Перу, во кои загинаа најмалку 48 цивили и припадници на безбедносните сили.