Украинската армија може да ги повлече своите војници од градот Бахмут, изјави вчера советникот на украинскиот претседател Олександар Родњански.
Американските медиуми пренесуваат дека доколку дојде до ваква разврска на неколкумесечните борби за овој град во Доњецк, тоа ќе значи дека Русија ќе го заземе градот што стана симбол на украинскиот отпор.
Руските трупи спроведуваат крвава офанзива за заземање на Бахмут што трае со месеци. Местото е познато по рудниците за сол и гипс, но сега стана град на духови.
-Нашата армија очигледно ќе ги разгледа сите опции. Досега го контролираше градот, но доколку е потребно, ќе се повлече, изјави економскиот советник на украинскиот претседател Родњански за Си-ен-ен. „Нема да го жртвуваме целиот наш народ за ништо“, додаде тој.
Бахмут се наоѓа во регионот Доњецк, еден од четирите региони кои Русија нелегално ги анектираше минатата есен. Москва има контрола врз половината од регионот. За да го заземат и другиот дел руските сили мора да поминат низ Бахмут. Тоа е единствениот пат до поголемите градови под украинска контрола, откако украинските војници го вратија Изум во Харковската област во септември.
Аналитичарите велат дека доколку Бахмут падне под руска контрола, тоа ќе биде удар за Украина и ќе и даде на Русија тактички предности. Сепак, тоа не би било пресудно за исходот на војната