„Не сметам дека сме го киднапирале процесот за европските интеграции. Владата предводена од Димитар Ковачевски и вицепремиерот Бојан Маричиќ се отворени, а и ние како пратеници сме отворени да разговараме како оваа држава ќе се движи напред. Дали е заедничка идеја да одиме во ЕУ или ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе и ќе каже дека не се за ЕУ“ рече пратеникот од СДСМ, Ненад Коциќ во „Топ тема“ на Телма.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ако е против ЕУ јавно нека го кажат тоа, па нека го бранат на следните избори во 2024 година.
„Ние како партија имаме консизтентен став по ова прашање и тоа го покажавме со гласањето во Собранието и прифаќањето на Францускиот предлог. Тогаш ја задолживме оваа и секоја идена Влада дека не смее да разговара и преговара за македонскиот идентитет, јазик, култура и историја“ рече Коциќ.
Пратеникот од СДСМ во емисијата кажа дека Ковачевски неколку пати преку медиуми го повика лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски на разговор, а тој одговара дека не сака разговори, туку сака избори.
„Од тоа станува јасно кој е за заедничка работа во интерес на државата, а кој мисли на секои 15 минути само како да дојде до избори и не работи во интерес на државата“ рече Коциќ.