Националната галерија во соработка со Францускиот институт во Скопје, во рамките на активностите по повод месецот на Франкофонијата, со особено задоволство го најавува второто продолжение на изложбата под наслов „Париски рефлексии”, чие отворање ќе се одржи в четврток, 9 март 2023, во 12 часот, во Чифте амам.
Изложбата, која го носи предзнакот 2, ги претставува делата на втората генерација македонски уметници кои реализирале студиски престој, изложби или на извесен начин во дел од нивното творештво биле поврзани со центарот на светската уметност – Париз, по што извршиле влијание врз развојот на македонската уметност, особено во доменот на надреализмот, енформелот и останатите тогаш актуелни светски тенденции.
Оваа селекција се однесува на авторите кои се родени до 1930 година, кои ја дефинирале ликовната сцена кај нас по Втората светска војна па се до 6. и 7. деценија на 20-отвек: Вангел Коџоман, Димитрије Поповиќ – Цицо, Борислав Траиковски, Димитар Кондовски, Томо Шијак, Петар Мазев, Спасе Куновски, Ордан Петлевски, Иван Велков, Богољуб Ивковиќ, Ристо Лозаноски, Ванчо Ѓорѓиевски, Трајче Јанчевски, Вангел Наумовски и други, како и францускиот уметник Клод Дервен, кој во поново време творел во Македонија.
Сите претставени дела се дел од Колекцијата на Националната галерија.