Денеска во присуство на премиерот Димитар Ковачевски, првиот потпретседател на Владата Артан Груби, амбасадорката на САД, Ангела Агелер, од страна на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми и претставници на меѓународниот конзорциум Бехтел Енка потпишан е Договорот за изградба на Коридорот 8 и 10Д.
Во својот говор пред присутните, првиот потпретседател на Владата г-дин Груби рече дека овој проект е само добар почеток на една голема работа од прогласувањето на независноста на државата.
„Среќен сум што стојам овде пред вас како претседател на Комитетот за спроведување на преговорите за изградба на проектот Коридор 8 и 10 Д. Им благодарам на моите колеги министри, особено на амбасадата на Соединетите Американски Држави која секогаш стои зад нашите проекти и идеи, нашите партнери нашите супервизори и сите соработници кои учествуваат во овој проект. Овој проект е само добар почеток на една голема работа, најголема од прогласувањето на независноста на Република Северна Македонија“, рече Груби.
Проектот Коридорот 8 ќе се протега на должина од 68 километри со автопат со 6 ленти, кој ќе ги поврзува Тетово со Гостивар, Кичево, Струга до Ќафасан, додека Коридорот 10 Д, автопат со 6 ленти во должина од 40 километри, кој ќе го поврзе Прилеп со Битола.
Инаку, историскиот проект Коридор 8 и 10 Д ќе се финализира во период од 6 години од почетокот на работите. Реализацијата на оваа најголема капитална инвестиција во историјата на нашата земја ќе придонесе за економијата, за модернизација на патната инфраструктура, а во иднина ќе овозможи дополнителен развој на услугите, подобри услови за развој на бизнисот, поквалитетен живот и поврзување со соседите и меѓународните коридори.