Рација на израелските безбедносни сили во окупираниот град Џенин на Западниот Брег, чија цел беше апсење на осомничениот за фаталното пукање врз двајца еврејски браќа минатиот месец, прерасна во насилство во кое загинаа шест Палестинци, соопшти палестинското Министерство за здравство, пренесува Њу Јорк Тајмс.
Осомничениот, Абд ал Фатах Харуша, беше наведен меѓу загинатите од страна на палестинските власти. Според портпаролот на израелската војска, тој бил поврзан со исламистичката милитантна група Хамас. Палестинските медиуми објавија дека тој бил ослободен во декември 2022 година по девет години минати во израелски затвори.
Израелската воена операција вчера заврши со смртоносна престрелка. Во соопштението на израелската војска се вели дека нејзините сили употребиле рачни ракетни фрлачи против резиденција во бегалскиот камп Џенин, каде што беше забарикадиран Харуша. Вооружени лица пукале кон израелските сили, кои одговориле со оган, се вели во соопштението.
Болниците во Џенин згрижиле најмалку 16 Палестинци поради повреди, додека двајца членови на единицата на израелските специјални сили се повредени во борбите, соопштија официјални лица.
Најмалку 72 Палестинци се убиени на Западниот Брег од почетокот на 2023 година, а најмалку 15 Израелци се убиени во палестинските напади во Ерусалим и на Западниот Брег.
Подготви: Д. Мишев / ЦИВИЛ Медиа