Едукативно-технолошката организација Бреинстер, Бреинстер Некст колеџот и Ред Бул организираат настан по шкртање во живо, кој е дел од глобалниот натпревар „Red Bull Doodle Art“, а за најдобрите следуваат вредни награди, како патување во Амстердам на финалниот натпревар и ваучери за учење дизајн.
Настанот, кој е дел од соработката меѓу Бреинстер и Ред Бул ќе се одржи на 18 март 2023 (сабота) во просториите на Бреинстер.
Натпреварот, всушност во Македонија се враќа после пауза од шест години, а натпреварувачите, покрај можноста да цртаат на ваквите креативни настани, своите креации може да ги пријавуваат и онлајн. „Red Bull Doodle Art“ е глобален натпревар во цртање/креирање на шкртаници кој се одржува во 60 држави, а од секоја се избира по еден национален уметник-претставник што ќе учествува на глобалното финале кое ќе се случи во мај оваа година во Амстердам, Холандија.
„Ова е одлична можност за креативците бидејќи е глобален натпревар кој ја прикажува неверојатната креативност и талент на младите уметници од целиот свет. Red Bull Doodle Art не е само платформа за новите уметници преку која тие ги покажуваат своите вештини, туку настанот ја слави и моќта на шкртањето (doodle) како форма на самоизразување. Ние во Бреинстер го цениме дигиталното креативно изразување, а со подемот на дигиталната уметност и технологија, веруваме дека и оваа безвременска форма на уметност заслужува признание и треба да се поддржи. Заедно со Ред Бул се надеваме дека ќе ја инспирираме следната генерација уметници да ја продолжат својата страст и да го покажат својот талент на глобалната сцена. Едукацијата и поддршката на најталентираните е дел од нашата мисија и затоа и ги отвораме вратите од нашите простории за овој значаен настан“, вели Јана Тодоровска од Partnerships тимот на Бреинстер.
Најдобрите од „Red Bull Doodle Art“ натпреварот ќе добијат ваучери за Бреинстер aкадемиите за графички дизајн или UX/UI дизајн или пак попуст за школарината на Бреинстер Некст колеџот ако се запишат на додипломски студии на студиската програма по UX/UI и графички дизајн.
Исто така, победникот ќе добие можност за патување во Амстердам, каде ќе работи со артист-ментор на подобрување на своето дело и негова трансформација во ексклузивно НФТ уметничко дело. Победничкиот дизајн во соработка со тимот на SWithADot ќе биде ставен и на дизајн на патики кои ќе бидат пуштени во комерцијална продажба.