Советот на амбасадори, кој најголемиот дел од својата програмска определба ја посветува на иницирањето идеи на добра воља за целосна стабилизација на регионот на Западен Балкан и негова побрза интеграција во евро-атлантските простори, испраќа јасна порака, како и речиси целата меѓународна заедница, дека Охридската средба меѓу претседателот на Србија Александар Вучиќ и претседателот на Владата на Косово Албин Курти за спроведување на Анекс договорот на Планот на Европската Унија за нормализација на односите меѓу Косово и Србија е исклучително значаен влог во двете насоки: стабилност и соработка во соседството и регионот и забрзан прогрес на овие земји кон ЕУ, се вели во денешното соопштение.
Оценка на Советот е дека Охридскиот договор за надминување на конфликтните состојби меѓу Србија и Косово, кои ги подигаат тензиите и во целиот регион до ризично ниво, произведува и позитивен импакт врз политичките, па и развојните процеси за Македонија и за нејзините европски перспективи!
Советот оценува дека улогата на респектиран домаќин на еден ваков значаен регионален настан, под високо внимание и изразита подршка на ЕУ и на САД, ја рангира нашата држава меѓу малите земји кои добиваат сé посилна меѓународна афирмација како респектибилни и сериозни партнери на клучните држави и политички субјекти на европски план.