ПичПрич ја промовира женската усна историја, нормализирајќи ги женските искуства и преземајќи го јавниот простор и е авторски концепт на Ана Василева и Румена Бужаровска.
Како и секоја година, ПичПрич се обидува да отвори простор за актуелните теми поврзани со положбата на жените во нашата земја и поширокиот регион, особено со оглед на неодамнешниот наплив на вести за кривични дела извршени врз жени во моменти кога поради сплет на околности се нашле сами со сторителот.
Токму затоа оваа година темата е „Бев сама” за да се нагласи изложеноста на насилство, погрешното лоцирање на вината и честото непостапување.Освен тоа, модерната психологија тврди дека токму напуштеноста е оној сублиминален простор во кој се јавува траумата.
Истовремено, пошироко гледано темата претставува и коментар на недостатокот на системска поддршка со кој се соочуваат жените во исполнувањето на многубројните улоги во општеството – од најтрадиционалните (работа во домот, одгледување на деца и негување на стари лица, лица со попреченост), па сѐ до оние кои се сметаат за нетипични (раководни и политички функции, спорт итн.).
Гледано од спротивната перспектива, бидувањето сама во смисла на сопствената соба на Вулф е оној простор на слобода неопходен за еманципација и ослободување на женската креативност. Повеќе за разновидните толкувања на оваа тема ќе слушнеме од нашите раскажувачки.
По настанот следи диџеј сет на Diah во бифето на Фросина
Билетите за настанот се достапни на билетарницата на МКЦ и онлајн на https://bileti.mkc.mk/ во висина од 200 денари.
Настанот е реализиран со поддршка од Шведска и фондацијата Kvinna till Kvinna.
Извор: Либертас.мк