Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ најави заеднички железнички станици со Северна Македонија, Црна Гора и Унгарија, што, како што рече, значително ќе го забрза движењето на патници и стоки.
„Ќе имаме заедничка товарна железничка станица за возовите повеќе да не застануваат на граница, туку инспекции ќе се вршат во Табановце. Кон средината на мај во Бијело Поље ќе отвориме заедничка железничка станица со Црна Гора за возовите повеќе да не застануваат на граница, туку во Бијело Поље ќе имаме царина и полиција, и српска и црногорска, и се ќе се прави на едно место“, рече Весиќ.
Тој изјави за „Еуронуз“ дека на сличен начин со Унгарија е договорено заедничката железничка станица да биде во Сегед за возот Сегед-Суботица, кој, како што вели, тргнува во октомври.