Во Турското маало во Струмица се гради детско игралиште на површина од 120 метри квадратни, кое ќе биде опремено со комбинирани детски реквизити.
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, денеска, изврши увид во изградбата. Истакна дека Струмица е мултетничка општина и очекува игралиштето да го користат не само деца од ова маало, туку и сите други деца од градот и Општината.
-Ова е наше изборно ветување дадено пред граѓаните, но морам да истакнам дека иницијативата е на советникот Абдуљ Амедов, кој доаѓа токму од ова маало. Вкупната вредност на проектот изнесува 1.467.000 денари кои се обезбедени од општинскиот буџет, изјави Костадинов.
Тој најави дека во овој дел на градот ќе се изврши асфалтирање на улицата „Славчо Стојменски“, бетонирање на сокаци, а потенцираше дека наближуваат роковите и за урнување на објектите во некогашната Маларична болница, каде треба да биде изградено спортско игралиште и паркинг за потребите на џамијата и црквата „Свети петнаесет Тивериополски свештеномаченици“.