“Квалитетно образование, исклучителна поддршка и создавање услови за добивање меѓународни проекти и едноставно, европското образование да го донесеме дома се трите примарни цели на кои ќе се темели програма за УКИМ”, вели професорката на ФЕИТ и проректор за настава на УКИМ, Христина Спасевска во денешното гостување во “Македонија наутро” на МРТ1, каде една од темите беше и нејзината кандидатура за ректор на УКИМ за мандатниот периодот 2023–2026 година од позиција проректор за настава на УКИМ и професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии ФЕИТ.
Ги знам состојбите на УКИМ и веќе ја пишувам предлог програмата за работа, вели професорката Спасевска, која истакнува дека во овој процес се одлучила да ги вклучи сите професори и студенти и да ги слушне нивните барања и идеи за како заеднички да до подобрат статусот на УКИМ, а дополнително и да се врати престижот на УКИМ како еден од топ 1000 универзитетите на Шангајската листа.
“УКИМ на Шангајската листа е тема на која, исто така треба да и посветиме многу внимание. Тоа е процес што трае. Ние како универзитет треба да направиме наша внатрешна реорганизација на активностите за да ја зголемиме видливоста како многу значаен фактор при рангирањето во првите топ 1000 универзитети на Шангајската листа. Но најзначајно е да создадеме услови за престижни научни истражувања со поддршка на универзитетот и државата”, дополнува таа.