Без учество на граѓаните, најпрво во своите заедници, а понатаму и во пошироките општествени процеси, не можеме да зборуваме за демократија и развиена граѓанска држава, истакна претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на третата сесија од Форумот во заедниците во Општина Ново Село.
Според него, ако процесите на одлучување не почнуваат од долу кон горе, од основата кон врвот, тогаш е јасно дека политичарите не можат да направат никаква промена затоа што ќе ја немаат поддршката од граѓаните.
-Ова често се заборава од еден до друг изборен циклус, за со приближувањето на изборите да се актуелизира, а фокусот треба постојано да е свртен кон граѓаните. Крајно време е после три децении градење на демократско општество, освен на зборови и практично, многу почесто да го слушаме гласот на луѓето. Природно е процесите да започнуваат на локално ниво затоа што граѓаните најдобро знаат што им е потребно, подвлече претседателот Пендаровски.
Додаде дека целиот процес мора да биде подржан со вклучување и на граѓанскиот сектор, меѓународните организации и експерти и користење на нивните акумулирани знаења и искуство.
– И во оваа прилика морам да истакнам дека клучно е учеството на младите луѓе. Во сиот мој досегашен мандат, преку различни иницијативи, проекти, програми, учество и поддршка на семинари, конференции, младински настани, се обидувам да придонесам токму во таа насока-да ги охрабрам и поддржам младите за нивната енергија, идеи, желби и потреби да излезат на површина. Не смееме да дозволиме да ги обземе апатија затоа што тие се клучната сила која носи промени. Токму преку учество во сите процеси, вклучително и во локалната заедница ќе добиеме човечки капитал кој побрзо ќе го придвижи напред македонското општество, подвлече претседателот Пендаровски.