Министерот за надворешни работи, ЕУ и соработка на Кралството Шпанија, Хосе Мануел Албарез Буено, утре ќе престојува во еднодневна работна посета на Република Северна Македонија, на покана на министерот за надворешни работи Бујар Османи, соопшти македонското МНР.
Освен средбата со својот домаќин, министерот Османи, шефот на шпанската дипломатија Албарез ќе се сретне и со заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.
Покрај билатералните односи меѓу двете земји, централно место во разговорите се очекува да биде забрзувањето на пристапниот процес процес на Северна Макеоднија во Европската Унија, во светло на претстојното претседавање на Шпанија со Советот на ЕУ во втората половина на годината. Во таа насока, предвидено е и потпишување на билатерален Меморандум за разбирање за развој на соработката во процесот на пристапување во ЕУ.
На средбите ќе се разговара и за можностите за продлабочување на економските односи, како и секторската соработка во останатите сегменти на општественото живеење.
Посетата на Албарез на Северна Македонија е дел од неговата балканска турнеја. Тој вчера беше во Белград, денеска е во Сараево, а пред Скопје ќе ја посети и Тирана.
Шпанското МНР соопшти дека Албарес доаѓа на Балаканот за да го пренесе обновениот интерес на Мадрид за земјите од регионот и да најави дека Шпанија, откако ќе го преземе претседавањето со ЕУ на 1 јули, ќе ги поддржи нивните напори да и се приклучат на Унијата.