Работниците кои работеле на изградбата на автопатите низ изминативе 15 години на социјалните мрежи ги споделуваат нивните искуства и условите во кои работеле, бранејќи ги законските измени за продолжување на прекувремените часови кои еден работник може да ги работи.
Тие кажуваат дека при изградбите на автопатите, работниците биле на работа 60 часа неделно, ефективна работа, плус по час до два секој ден возење до местото каде што тој ден се работи, но за тоа не добивале надомест за прекувремена работа.
„Ако случајно добиеш два дена во месец слободни, на коњ си. По мене добро е да се изгласа законот, затоа што постои голема шанса да бидат платени прекувремено, законски, а не како нас, без разлика дали е недела, празник, се исто платено“ вели еден работник давајќи поддршка за законските измени за зголемување на можноста за прекувремени работни часови во неделата.
Со законските измени кои се предложени, се дозволува работниците кои ќе работат на изградбата на Коридорите 8 и 10-д, доколку сакаат да имаат можност да работат повеќе од 8 часа прекувремено во текот на неделата, часови кои ќе им бидат исплатено како прекувремена работа.
Премиерот Димитар Ковачевски во изјави за медиумите кажа дека и со сегашните закони постои можност работниците да работат над 40 часа неделно.
„Во моментов имаме закони кои важат. Доколку се донесат законски решенија кои ќе предвидат други услови за работа, тогаш ќе се аплицираат тие други услови за работа. И сега кај нас, согласно законски решенија, може да се работи повеќе од 40 часа, односно 50 часа. Има голем број работници кои работат и по 50 часа, по свој избор и согласност“ кажа Ковачевски.
Во насока на заштита на работниците и македонските компании, во договорот со Бехтел и Енка и во законот за изградба на Коридорите 8 и 10-д стои дека 51 отсто од подизведувачите кои ќе работат треба да бидат македонски компании, односно над 650 милиони евра од изградбата на овие коридори ќе завршат во македонските компании и кај македонските работници.
Координаторот на изградбата на Коридорите 8 и 10-д, Артан Груби во изјави за медиумите кажа дека е избран конзорциумот Бехтел и Енка бидејќи тие покажале и докажале дека имаат капацитет за ваков проект, односно изградба на 110 километри автопат за 57 месеци, капацитет кој го немаат домашните компании.
„Немаше дискусија со локални компании за преземање на целиот проект на Коридорот 8 бидејќи во изминатиот период видовме дека капацитетот на локалните компании, со некои многу мали исклучоци, е невозможен за ваква реализација за 57 месеци. 110 километри автопат, просечната изградба на автопати кај нас е од 5 до 6 километри максимум годишно, Бехтел ќе гради меѓу 22 и 25 километри годишно, односно четири пати повеќе“ рече Груби.
Согласно договорот со Бехтел и Енка за 57 месеци земјава треба да добие 68 километри автопат со шест ленти на Коридорот 8, кој ќе ги поврзува Тетово со Гостивар, Кичево, Струга до Ќафасан. На Коридорот 10- д ќе се гради автопат со шест ленти во должина од 40 километри, кој ќе го поврзе Прилеп со Битола.