Министерството за одбрана иницира спомен-обележје во чест на загинатите припадници на безбедносните сили на Република Северна Македонија во масакрот кај селото Вејце, Тетовско.
Иницијативата е адресирана до градоначалникот на Тетово, Билал Касами, како и до претседателот на Советот на Општина Тетово, Бесар Дурмиши.
„Заради оддавање почит кон загинатите припадници на безбедносните сили на Република Северна Македонија, кои своите животи ги загубија во масакрот кај Вејце, поднесувам иницијатива согласно член 18 од Законот за меморијалните споменици и спомен-обележјата, Советот на Општина Тетово да донесе одлука за подигање на спомен-обележје“, се наведува во иницијативата потпишана од министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Во иницијативата пишува дека Министерството за одбрана е подготвено да ја спроведе постапката и да ги сноси трошоците за проектирање и изведба на ова спомен-обележје.