Поранешниот американски помошник државен секретар и некогашен амбасадор во земјава Филип Рикер во интервју за локална телевизија изјави дека САД веруваат дека Северна Македонија треба да стане членка на ЕУ.
– Тоа не е решение само за земјата, туку и за целиот регион на Западен Балкан, каде треба да има демократски држави силно поврзани преку институциите на евроатланската безбедност, вклучувајќи ја и Унијата. Се надевам дека тој процес ќе се придвижи напред. Клучно е да се искористи можноста во процесот и да се направат реформите што се потребни, да се фокусирате на економската корист и од таму треба да бидете цврсто во Европа, додаде Рикер.
Во однос на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградбата на коридорите 8 и 10д, Рикер нагласува дека постојат процеси и процедури кои се пропишани со закони, правила и регулативи за реализација на вакви проекти.
– Лично не ги знам во детали, но тоа треба да биде легитимниот тест за овој случај. Јас знам дека инфраструктурата е важна и ова го слушам со години, но ајде да реализираме некои од овие проекти, порача Рикер, додавајќи дека се сеќава оти за нив се разговарало уште кога бил амбасадор во Скопје, а и кога дошол првпат во земјава во 90-те години на минатиот век.