Во Клубот на пратениците денеска ќе се одржи конститутивна седница на работната група за изборни реформи формирана од Министерството за правда, која ќе треба да ги имплементира препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а паралелно да работи и на нов Изборен законик.
Од Министерството за правда соопштија дека процесот на работа за реформи на изборното законодавство е инклузивен и во него се вклучени претставници на политички партии, невладини организации, синдикати, министерства и надлежни органи за спроведување на изборниот процес.
Во работната група има претставници од СДСМ, ДУИ, Алијанса на Албанците, БЕСА, Алтернатива, Левица и Демократски сојуз.
ВМРО-ДПМНЕ не делегира свој претставник во работната група. Пратеникот од оваа партија Антонио Милошоски вчера рече дека тие прифаќаат изборен модел со една изборна единица и ја повика власта да излезе со решение, по што најави дека опозициската партија ќе се вклучи во утврдување на конечниот текст на изборниот законик.