Претседателот Стево Пендаровски денеска во Брисел, во рамки на работната посета на Белгија, оствари средба со премиерот на Кралството Белгија, Александер Де Кро.
На средбата беа констатирани пријателството и партнерството меѓу двете држави, а во фокусот на разговорите беа билатералните односи, македонската евроинтеграција, економската соработка, како и политичките и економски текови во Европа.
Претседателот Пендаровски го поздрави позитивниот тренд на зајакнување на политичкиот дијалог меѓу двете земји и оцени дека честите размени на посети на високо ниво дополнително ќе ја продлабочат политичката доверба, а ќе го поттикнат и економскиот развој. Соговорниците изразија задоволство од унапредувањето на економската соработка меѓу двете земји и зголемувањето на белгиските инвестиции во Северна Македонија.
Претседателот изрази благодарност до белгискиот премиер за доследната и постојана поддршка на македонските европски интеграции и политиката на проширување на ЕУ, како процес од стратешко значење за регионот. Во тој контекст, беа разменети мислења и ставови за претстојното белгиското претседавање со Европската Унија во првата половина на 2024 година.
На средбата се разговараше и за стабилноста и безбедноста на европскиот континент, при што беше посочена важноста на партнерството во НАТО во справувањето со геополитичките предизвици наметнати од војната во Украина.