Претседателот на Кинолошкиот клуб за македонско овчарско куче – Караман, Илија Ико Каров најави дека на повидок е признавањето на Караманот од страна на светската кинолошка федерација.
-Го трчаме последниот круг од тој долг маратон – признавањето од страна на светската кинолошка федерација. На повидок несомнено е, но, не би откривал повеќе детали, но, сепак кога ќе влеземе во семејството на оние над триста признаени раси веќе самата иднина на караманот ги отвора хоризонтите кон нешто друго, нешто пошироко, нешто интернационално. Знаете префиксот македонско во никој случај не му е ставено од некои националистички побуди. Караманот е куче кое за брзо време ќе ги помине границите на Македонија, изјави Каров во Битуше, каде се одржа 10 -та изложба, односно 10. првенство на македонско овчарско куче Караман.
Се надеваме, додаде, дека набрзо ќе имаме карамани како во соседството, така и вон границите на Европа.
-Набрзо ќе имаме карамани во соседството и во Европа и на Далечниот Исток и Америка, клубови и одгледувачи кои ќе работат организирано во соработка со нас. Интересот и за сега е голем, има за сега едно куче во Италија, едно во Германија. Сепак политиката на клубот е таква во интерес на генофондот да останат што повеќе тука, до нивното признавање од кинолошката федерација, вели тој.
Според него, клубот за македонско овчарско куче Караман е формиран во 2004 година, но раните почетоци на клубот датираат од далечната 1998 година кога браќата Влатко и Марјан Костовски ги симнуваат првите карамани од македонските планини и со тоа започнува оној пионерски подвиг на она што се вика селективно одгледување.