Оваа година Шпанија ја бележи својата најтопла пролет во историјата и втора најсушна досега, според националната метеоролошка агенција.
Последните податоци укажуваат на продолжување на екстремно високите температури кои беа присутни во текот на 2022 година, која беше најтоплата година досега забележана во Шпанија.
Пролетните горештини беа придружени со недостиг од дожд, што ќе ја влоши долгорочната суша во Шпанија, и покрај врнежите забележани во изминатиот месец.
Шпанските власти вчера објавија дека акумулациите во земјата се со 47,4 отсто од капацитетот, тренд што продолжува.
Метеоролошката служба посочи дека тоа остава негативни ефекти врз екосистемот на таа медитеранска земја.
– Температурите на површинските води забележани во 2022 година се највисоки од 1940 година – објавија метеоролозите, предупредувајќи дека овој феномен го загрозува морскиот живот и неговата способност за репродукција.
Констатирано е дека високите температури имаат последици и по здравјето на луѓето и екосистемите, во смисла на зголемена веројатност за шумски пожари.
Претстојното лето најверојатно ќе биде „исклучително жешко“, според прогнозите на шпанската метеоролошка служба, иако има можност за поројни врнежи. Минатиот месец, шпанската влада објави мерки во вредност од 2,2 милијарди евра за борба против сушата, кои вклучуваат финансирање за рециклирање на водата во градовите и континуирана помош за земјоделците.
Шпанија е водечки европски производител и извозник на свежо овошје и зеленчук, а во април земјата побара итни средства од Европската унија врз основа на лошите прогнози за годинашните приноси.