Europe House Скопје и Амбасадата на Унгарија, вчера, во просториите на Општина Градско, го одржаа четвртиот по ред настан од серијата дијалози со локалните младински совети, кои се дел од активностите поврзани со „Денот на Европа 2023″. Овој настан ги обедини младите активисти со претставници од амбасадата, општината и Europe House, сè со цел да се поттикне младинскиот активизам и нивното активно учество во креирањето политики. Во дијалозите учествуваа Андраш Клајн, амбасадор на Унгарија, Ана Марија Јованова, млад европски амбасадор, членови на локалниот младински совет од Градско и други млади активисти од општината кои активно придонесуваат на локално ниво.
За време на настанот се дискутираше за низа критични теми, како младинскиот активизам, нивното локално учество, еколошките предизвици и младинската интеракција со локалните институции. Овие дискусии дополнително ја истакнаа важноста за зајакнување на локалните младински совети, како и поддршката за учество на младите во процесите на донесување одлуки.
Во завршниот дел од настанот, амбасадорот Клајн оствари средба и со градоначалникот на Општина Градско, Киро Нацков, каде што се разговараше за точките што ги иницираше локалната младина, како и заклучоците донесени од дијалозите.
Претходните три настани, одржани во Битола, Шуто Оризари и Валандово, како и вчерашниот во Градско, ја одразуваат посветеноста на иницијативата на Европската делегација и на #TeamEurope за промовирање на младинското учество во процесите на донесување одлуки на локално ниво, а со тоа и придонесот во градењето на подемократско општество.