Околу 300 деца од различна возраст се спасени од дом за деца без родители во главниот град на Судан, Картум, каде што беа блокирани додека во градот се водеа борби меѓу завојуваните страни, соопштија денеска претставници на хуманитарни организации.
Децата се евакуирани бидејќи од средината на април 71 дете починало од глад и болести во таа институција.
Трагедијата во сиропиталиштето Ал Мајком беше главна вест минатиот месец додека беснееја борбите меѓу суданската армија и паравоената група Сили за брза поддршка (РСФ).
Страдањето на децата предупреди на тешките последици што ги претрпеа цивилите од средината на април, кога избувнаа борби меѓу силите лојални на генералот Абдел-Фатах Бурхан и силите на РСФ предводени од генералот Мохамед Хамдан Дагло.
„Околу 300 деца од сиропиталиштето Ал-Мајком се префрлени на побезбедна локација во таа земја, изјави портпаролот на УНИЦЕФ, Рикардо Пирес.
Тој додаде дека суданските министерства за социјален развој и здравство ја презелеа грижата за децата, додека УНИЦЕФ обезбедил хуманитарна поддршка вклучувајќи медицинска помош, храна, едукативни активности и игри.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст, кој помогна во евакуацијата, соопшти дека децата, на возраст меѓу една и 15 години, биле префрлени бидејќи бил обезбеден безбеден коридор во Мадани, главниот град на провинцијата Џазира, на околу 135 километри југоисточно од Картум. Префрлени се и 70 лица кои ќе се грижат за децата.