Поранешниот амбасадор на САД во Скопје, Џес Бејли за Гласот на Америка на македонски, вели дека уставните измени се јасно решение за бугарското вето, но оти ќе биде разочарување ако има ново вето понатаму што ќе го закочи патот кон Европската Унија.
Тој вели дека уставните измени ќе ја засилат позицијата на државата, а проблем на Бугарија е тоа што не го признава македонското малцинство и покрај пресудите на Судот во Стразбур.
„Тие имаат свој систем. Јас не гледам зошто некој не би препознал група во земјата. Не знам. Секоја земја има различни начини да го прави тоа. Северна Македонија е многу инклузивна земја во тој поглед, и отсекогаш била, и мислам дека уставниот амандман предложен во моментов само го зголемува тоа, така што ако Бугарија одлучи да не го прави тоа, добро, тоа е нејзин проблем“.
Бејли вели дека и Преспанскиот договор, како уставните измени сега, бил критикуван на почетокот, но дека веќе никој не го спори позитивниот исход од него.
„Не мислам дека потфрли во однос на перспективата, бидејќи Преспа секако беше со Грција и нејзината блокада конкретно навистина повеќе за во НАТО. Таму почна. Но, очигледно, тој беше дизајниран да го постави патот кон ЕУ. Вие сте во ситуација која е тешка. Тоа е фрустрирачки. Но, мислам дека ако земјата продолжи по својот стратешки пат, колку и да е тоа тежок, таму има подобра иднина. Мислам дека е важно да се задржи таа поширока визија, како што разгледувате некои краткорочни прашања кои можеби изгледаат многу тешки, но на крајот, како и со многу одлуки во животот, кога ќе ја направите таа одлука, се покажува дека сепак не била толку лоша“.
Тој вели дека е оптимист оти земјата ќе влезе во ЕУ, но дека не може да каже кога тоа ќе се случи.
„Мислам дека САД би биле разочарани ако се случат натамошни постапки од ваква природа. Додека поминувате низ процесот и отворате поглавја, одредени земји ќе сакаат да се уверат дека самите критериуми се исполнети, така што ќе има и други прашања на патот. И затоа мислам дека е важно секое прашање да не се гледа како нелегитимно прашање меѓу земјите-членки, бидејќи тоа е дел од процесот. Тоа ќе биде долг процес да се помине низ некои од тие поглавја, особено за владеењето на правото. Земјата ќе биде под голем надзор, тоа е јасно, како и Албанија и другите. Но, мислам дека сум оптимист. Мислам дека луѓето ќе видат дека ова ќе се случи. Но, не можам да кажам кога“, изјави Бејли во интервјуто за Гласот на Америка на македонски.