Еко-патролата на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје констатираше непрописно одлагање отпад од автомобилски гуми, од страна на непознати сторители, на улицата „Никола Парапунов“ во скопската општина Карпош, информираат утрово од претпријатието.
– Автомобилските гуми спаѓаат во категоријата опасен отпад и нивното одлагање на јавни површини претставува директно прекршување на Законот за јавна чистота. ЈП „Комунална хигиена“- Скопје нема надлежност за собирање и транспорт на овој тип на отпад, посочува директорката на претпријатието Косана Николиќ Мазнева во писмена изјава.
Од претпријатието апелираат граѓаните внимателно да ракуваат со опасниот отпад и да го одлагаат исклучиво кај колективните постапувачи, со што значително ќе придонесат за заштита на животната околина и јавното здравје.
– ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје учествуваше во координирана акција со градските јавни претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Улици и патишта“ за чистење на реонот на Милениумскиот крст на планината Водно. Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје спроведоа метење и празнење на корпите за ситни отпадоци, како и подигнување на отпадот од Планинарскиот дом и околните угостителски објекти. Во рамките на акцијата беа собрани и транспортирани приближно три кубни метри мешан комунален отпад, се наведува во соопштението на претпријатието.